29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските вложувачи внимателни, доларот остро падна

Азиските вложувачи внимателни, доларот остро падна

berzi azija 2994

На азиските берзи денеска се тргува претпазливо бидејќи вложувачите не се наклонети на поризични инвестиции поради слабостите на светската економија, додека јакнењето на јапонскиот јен предизвика пад на јапонските акции за повеќе од 2 отсто.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во четвртокот беше во минус од околу 2,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Австралија паднаа меѓу 0,2 и 0,8 отсто. Берзанските индекси во Хонгконг, Јужна Кореја Сингапур, пак, пораснаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките берзи, без јапонските, беше во минус од 0,1 отсто.

Вложувачите не се наклонети кон поризичните вложувања бидејќи во средата објавените PMI индекси покажаа дека производствената активност во најголемите светски економии и натаму е слаба. На слабостите на светската економија предупреди и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) порачувајќи дека глобалната економија влегла во стапицата на нискиот раст. Затоа ги повика властите ширум светот да ја зајакнат потрошувачката.

Покрај тоа инвеститорите не се подготвени позначително да ги менуваат позициите пред петочниот извештај за вработеноста во САД, што вообичаено значително влијае врз насоките на пазарите бидејќи може да игра улога во носењето на одлуката на американската централна банка за зголемувањето на каматните стапки.

Лошо на пазарите влијае и падот на цените на нафтата. Откако минатата седмица достигнаа највисоки нивоа во последните осум месеци, последните денови цените на „црното злато“ се под притисок, бидејќи понудата и натаму е поголема од побарувачката.

Така, во четвртокот во претпладневното тргување на американскиот пазар барелот поевтини за 0,3 отсто, на 48,86 долари, додека на лондонскиот пазар цената на барелот стагнира околу 49,70 долари.

Остриот пад на токискиот Nikkei индекс е последица, пак, на јакнењето на јенот бидејќи поради тоа производите на јапонските извозници на странските пазари стануваат помалку ценовно конкурентни.

А на валутните пазари курсот на доларот во четвртокот претпладнето потона 109,05 јени, додека во средата во истиот период од тргувањето изнесуваше 110,20 јени, а на почетокот од седмицава 111,45 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото порасна на 1,1205 долари, додека вчера изнесуваше 1,1120 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП