2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Да не ми е сон“ ново дело од авторот Зоран Пејковски

„Да не ми е сон“ ново дело од авторот Зоран Пејковски

pejko 355

Поетската книга „Да не ми е сон“ е најновото дело на писателот, поет, драматург и публицист Зоран Пејковски. Збирката беше промовирана во НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола, при што промоторот проф. д-р Златко Жоглев посочи дека станува збор за рефлексии за реминесценциите од оноричката поезија или поезија која означува состојба што не е ниту длабок сон, ниту будна состојба.

„Поезијата на Пејковски е лирска и многу сензибилна, заради што во мојата рецензија на оваа поетска книга правам некои споредби со поезијата на Кристина Росети, но исто така, во однос на длабочината на егзистенцијалистичките пораки на оваа поезија, правам споредба и со шпанскиот поет Калдерон, којшто вели: ‘Ако животот е сон – тогаш не будете ме’. Слично и Пејковски ги изразува своите поетски јанѕи, а посебно, за што треба понатаму својот збор да го има и критиката, е тоа што во мојот осврт правам класификација на песните во шест групи, во коишто елаборирам со примери од самата збирка. Верувам дека тоа ќе ги поттикне и другите да се задржат потемелно кога ќе прават анализи“, рече Жоглев.

Пејковски, иако е познат драмски автор, со ова дело пренесува дел од своите поетски инспирации.

„Кога пишуваш драмски текст се внесуваш целосно во динамиката на драмата, драматургијата, во приказната внатре. Поезијата е нешто друго, таа е поинаква приказна“, вели Пејковски.

Збирката поезија ја издаде издавачката куќа „Дијалог“, а илустрациите се на ликовниот уметник Мирослав Миро Масин.

Актерот Петар Горко за време на промоцијата говореше стихови од збирката „Да не ми е сон“ во музичка придружба на младиот музичар Лука Тошев кој изведе класични дела на гитара.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП