Американскиот долар во понеделникот зајакна на меѓународните пазари на новото највисоко ниво во последните два месеца, откако претседателката на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џенет Јелен, во најновите пораки го поткрепи скорешното подигнување на каматните стапки.
Индексот на доларот, која ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте најзначајни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, зајакна за 0,35 отсто, на 95,879 поени. Еврото во таквите околности се задржа недалеку од најниските нивоа во последните два ипол месеца од 1,1097 долари, на кое во еден момент се спушти во тргувањето пред затворањето на азиските пазари во понеделникот.
Доларот надмина 111 јени првпат од крајот на април, и со него во претпладнето се тргуваше по 111,39 јени, што значи дека зајакнал за речиси еден процент во однос на претходното тргување. Со тоа е на пат на најголемата месечна добивка во однос на јенот од крајот на 2014 година.
Тргувањето во понеделникот се одвива во поскромен обем, бидејќи поради празници не работат пазарите во САД и Велика Британија.
Поддршка на доларот во однос на јенот, исто така, му даде и развојот на ситуацијата на политички план во Јапонија. Премиерот Шинзо Абе изјави дека ќе го одложи зголемувањето на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дополнителни две ипол години, изјави во понеделникот претставник на владејачката партија.
Во фокусот на пазарите беше и пораката на челничката на Fed од петокот, дека зголемувањето на каматните стапки во следните месеци би биле соодветен чекор, доколку продолжи да се подобрува ситуацијата во американската економија и на тамошниот пазар на трудот.
Кон крајот на седмицата најголемото внимание на пазарите ќе биде насочено кон извештајот од американскиот пазар на трудот, кој може да даде нови насоки во врска со кондицијата на најголемата светска економија и можното зголемување на каматните стапки./