8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАBrexit - еден од најголемите ризици за глобалниот раст

Brexit – еден од најголемите ризици за глобалниот раст

gsedum33

Излегувањето на Велика Британија од Европската унија (ЕУ) би било сериозен ризик за глобалниот економски раст. Ова се наведува во заедничката декларација на лидерите на земјите од Г-7, објавена утрово и цитирана од агенциите.

Изјавата беше поздравена од британската влада, која направи серија од предупредувања за последиците од евентуално излегување од ЕУ по референдумот на 23-ти јуни.

„Излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе го сопре трендот кон зајакнувањето на глобалната трговија и инвестиции, а тоа е сериозен ризик за растот“, се наведува во документот.

Евентуален „Brexit“ е запишан заедно до геополитичките конфликти, тероризмот и бегалските текови како потенцијален удар од неекономско потекло.

Прашањето не беше официјално на агендата на самитот, што се одржа во Јапонија, но во практиката стана една од главните теми.

Канцеларот на Германија Ангела Меркел коментираше дека лидерите на земјите од Г-7 не разговарале за „Brexit“, но има консензус дека земјата треба да остане дел од ЕУ. Меркел сепак нагласува дека одлуката е во рацете на британските гласачи. Анкетите даваат контрадикторни сигнали за престојниот референдум.

По декларацијата на Г-7 следуваа коментарите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кој објави дека нема да има никакви економски позитиви од напуштање на ЕУ. Англиската централна банка исто предупредува дека економијата ќе се забави нагло и веројатно дури и ќе влезе во рецесија во случај на напуштање на блокот.

Организацијата за економска соработка и развој, исто така, предупреди дека британските гласачи ризикуваат да платат „Brexit данок“ во износ од една плата до 2020-та година, ако земјата ја напушти ЕУ.

Групата на седумте најразвиени индустриски сили во светот вети да бара и силен глобален раст, но не постигна јасна, единствена позиција за монетарни политики и стимулите.

„Глобалниот раст останува умерен и под својот потенцијал, а ризиците од слаб раст продолжуваат да постојат“, се наведува во декларацијата на лидерите.

Во документот се наведува дека отпорноста на економиите е зголемена за да се избегне паѓањето во нова тешка криза. Меѓутоа, потребно е да се направат повеќе напори за решавање на актуелните економски проблеми, „земајќи ги сите соодветни политички одговори“.

Во декларацијата се наведува дека е потребно државите да одржуваат пазарно ориентиран девизен курс и да избегнуваат конкурентната девалвација. Ова претставува компромис за Јапонија, која е подготвена да интервенира за да спречи нагло поскапување на јенот против американскиот долар.

Г-7 ветува и посилен и избалансиран микс на политики за постигнување на одржлив и избалансиран модел на раст, земајќи ја предвид состојбата на секоја земја. Во декларацијата се заложија и за продолжување на напорите за совладување на јавните долгови и ставајќи ги на поотпорна рамнина.

Г-7 ја осудува и нуклеарната проба на Северна Кореја, како и „нелегалната анексија“ на полуостровот Крим од Русија. Во декларацијата се наведува дека може да има дополнителни рестриктивни мерки против Москва, но и дека санкциите би можеле да бидат повлечени, ако Русија ги спроведува мировните договори од Минск и го почитува суверенитетот на Украина.

Без да се споменува Пекинг, во декларацијата се заложија и за мирно решавање на морските спорови и почитување на слободата на превозот и прелетувањата. Групата ги повикува земјите да се воздржат од „едностраните дејствија кои би можеле да ги зголемат тензиите“ и се заложија да ги регулираат споровите со мирни средства.

Миграционите процеси се дефинирани во декларацијата како огромен предизвик. Во оваа врска Г-7 ветува дека ќе ја зајакне глобалната помош за долгорочните потреби на бегалците и раселените лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП