10 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на графики и слики од Горан Јованов во Прилеп

Изложба на графики и слики од Горан Јованов во Прилеп

grafiki

„Записи 2“ е тематската изложба на графики и слики од уметникот Горан Јованов што ќе биде отворена во петок, во 20 часот, во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп.

Пред прилечани, Јованов ќе се претстави со дела со линија, форма, симбол, кои се всушност хармонични сцени на безвременски простор полн со мистичност.

Јованов магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек графика под менторство на проф. Димитар Малиданов. Реализирал повеќе изложби во земјата и во странство.

„Природата, со целата своја флуидност, може да се рече дека е извор на творечката инспирација на младиот ументик Јованов. Креативниот импулс, во овој циклус на изложени графики, слики и цртежи се всушност хармонични сцени на безвременски простор полн со мистичност. Вараијабилност и врежаност на неповторливи моменти, постојано движење и мултиплицирање на ликовни елементи, суптилна градација на воздушести тонови и неповторливост на подвижни слики, даваат еден етеричен и треперлив тон на мистерија. Во неговиот творечки опус, авторот се стреми кон оптички ефект на рефлексија и мултиплицирање на природни и ликовни симболи, користејќи ја неисцрпната и неограничена можност на класичниот графички медиум. Цртежот како носечки елемент во пристапот на графичката уметност на Јованов, претставува врежан доживеан момент, кој транспонирајќи се од скици во цртежи, а потоа во графички лист, станува траен белег на неговото постоење. Варијабилноста и времетраењето кое е приметливо во делата на овој автор е само уште еден начин на современ третман на графиката. Комбинација на компатибилниот традиционален и модерен пристап на графичкиот израз, станува проекција на потески простор кој природно се создава во неговите дела. Хармонични сцени во кои се спојуваат голем број амбивалентности – микро/макро пејзаж, дрвороз/дигитално печатење, реалистично/ надреално, објективност/ субјективност, времетрање и вечност/ варијабилност и неповторливост, слично/ различно и уникатно, итн“, пишува Христијан Санев, претседател на ДЛУМ за творештвото на Јованов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП