4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТуризам: државата се фали, бизнисот се жали

Туризам: државата се фали, бизнисот се жали

ohrid

Туризмот оди во нагорна линија, барем според анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС). Од друга страна финансиските извештаи на хотелските синџири покажуваат намалена добивка, а бизнисмените од секторот тврдат и дека е намален девизниот прилив кој годишно достигнува нешто над 200 милиони евра. Сепак, очекувањата за летната сезона се позитивни.

Политичката и мигрантската криза со негативно влијание, но туроператорите со позитивни очекувања

Мигрантската криза и политичката нестабилност имаа влијание на туризмот, велат бизнисмените од овој сектор. Сепак, очекувањата на туроператорите од Холандија за претстојната сезона се позитивни – пред се поради затворањето на бегалскиот коридор и дислокацијата на кампот кај Идомени која е во тек, но и поради одложувањето на изборите и потсмирувањето на домашните политички тензии.

„Точно е дека резервациите за Македонија имаат мало намалување, но луѓето се менуваат и интересот за дестинациите за кои се интересираат исто така се менува. Македонија е нова дестинација, а светот сепак има една перцепција за дестинациите како позитивни и негативни“ вели Жак Креијнен, менаџер во туроператорот ТУИ од Холандија.

„Ваквата ситуација секако не е во прилог на никого и не е добра, но луѓето кои што се тука дојдени на одмор сфатија дека може да имаат одмор без да се вклучени во никаков тип на проблеми, тоа е секако позитивен имиџ за земјата. Направивме интензивна маркетинг кампања која што позитивно влијаеше, сега сме во фаза кога луѓето сфаќаат дека ситуацијата не е критична. Ќе го информираме нашето министерство за надворешни работи дека нашите искуства во Македонија како туристичка дестинација во моментов се фантастични, не гледаме проблеми кои не загрижуваат и сметам дека е добро што сега сме тука и можеме да дадеме ваква изјава“ вели Аријан Керс, менаџер во ТУИ.

Финансиските извештаи покажуваат намалена заработка

Кризата веќе имаше влијание, ако се суди според  финансиските извештаи на компаниите кои се бават со хотелиерство и котираат на Македонската берза. Тие покажуваат послаби финансиски резултати во 2015-та во однос на 2014-та.

„Македонијатурист“ која оперира со Holiday Inn, Best Western и уште неколку скопски хотели минатата година имале приход од 6.150.000 евра, исто како и во годината пред неа. Сепак, поради зголемените расходи профитот бил намален за 10% до сума од 2.207.000 евра.

„Метропол“ кој оперира со охридските хотели Метропол, Белви и Турист минатата година остварил приход од 2.590.000 евра, исто како и во годината пред неа. Сепак, поради зголемените расходи профитот бил намален за 17% до сума од 430.000 евра.

Според туристичките работници и девизниот прилив од секторот е намален за околу една четвртина. Тоа се должело пред се на нелојалната конкуренција и спуштените цени.

„Намалувањето на прометот од ноќевања за хотелиерите е загрижувачки податок бидејќи во услови кога имаме зголемен број на странски туристи како и на вкупниот број на туристи евидентирани во статистиката констатираме дека тоа се должи на фактот што при зголемен број на странски гости се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво кое се граничи дури и со прагот на рентабилност на дел од објектите“, изјави неодамна Даниела Василевска – Михајловска од Стопанската комора (СКМ).

ДЗС: континуиран раст на бројот на туристи

Според најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) вкупниот број на гости има континуиран раст – од 647.000 во 2011-та до 816.000 во 2015-та. Ова се должи исклучиво на посетителите од странство – нивниот број пред пет години бил 327.000 а лани 485.000 со што бил остварен раст од 48.3%. Од друга страна бројот на домашни туристи се одржува на исто ниво – од 300.000 до 330.000 годишно.

Најпосетувана дестинација за странските гости е Скопје, метрополата лани ја посетиле 197.000. Следат езерските места со 167.000 странски туристи, па планинските со речиси 18.000.

Најголем дел од странските туристи се сместуваат во хотели со четири ѕвезди – лани од вкупно 485.000 посетители 198.000 се одлучиле за ваков објект. 111.000 биле во хотел со пет ѕвезди, 91.000 со три ѕвезди, а останатите во хотели со една или две ѕвезди како и во пансиони и други капацитети.

Најголем дел од странските туристи доаѓаат од регионот

Прва е Турција со речиси 91.000 од вкупно 485.000 посетители лани. Втора на листата е Србија со 43.000, па следат Грција со речиси 39.000, Холандија со 32.000, Бугарија со 29.000.

Лани Македонија била интересна дестинација и за 458 посетители од Мексико, 450 од Бразил, 148 од Јужна Африка, 144 од Исланд и по десетина од други подалечни и поегзотични држави.

Македонија има и континуиран раст на бројот на сместувачки капацитети. Во 2011-та во земјава имало 6.110 хотелски соби, а на крајот на 2015-та 7.749. Најголем дел, речиси 2.600 се во хотели со четири ѕвезди, потоа речиси 2.000 со три ѕвезди, 1.200 со пет, а останатите се соби во хотели со една и со две ѕвезди.

Државата ги субвенционира туроператорите

Државата одвојува околу 10 милиони евра секоја година како директна поддршка на странските туроператори кои носат гости во Македонија, а од оваа година имаше и зголемување на поддршката за туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја од 25 на 65 евра по човек.

„Ова е добра можност и за домашните туристички агенции да ги проучат сите овие можности и да ги проучат пазарите во земјите каде што доаѓа до зголемување на субвенциите и да стапат во контакти со партнери од истите овие земји со цел уште во текот на зимските одмори да се обезбедат туристи“ објасни тогаш портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев.

Македонија дава различна сума субвенции за привлекување на странски туристи и од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Индија, САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан, Азербејџан и други земји.

Освен преку директната поддршка на туристичките агенции зголемувањето на бројот на странски гости се стимулира и преку нискобуџетните авиолинии кои исто така добиваат милионски државни субвенции.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП