Властите на Куба објавија дека ги легализирале малите и средните приватни претпријатија, што е нова фаза во реформите кои се спроведуваат откако претседателот Раул Кастро го презеде раководството со земјата од својот брат Фидел, во 2008 година.
Раул Кастро се обидува да поттикне раст на слабата кубанска економија, но соочен е со отпорот на лидерите на Комунистичката партија на Куба.
По обновувањето на односите со САД минатата година, Куба почна процес на отворање за странски инвеститори. Властите во моментот дозволуваат самовработување во неколку стотини работни категории, од ресторани до фризери.
Новата реформа е објавена во документ од 32 страници, во кој се изнесува детален план на економскиот развој, кој го одобри Конгресот, пренесе BBC.
Не е прецизирано каков статус ќе имаат приватните претпријатија, ниту дали ќе имаат право на увоз на средства и извоз на производи.
Аналитичарите сметаат дека оваа промена е знак дека властите признаваат дека приватното претприемаштво ќе има значајна улога во иднината, но дека главните средства за производство и понатаму може да останат во рацете на државата.