Економските активности во еврозоната повторно во мај пораснале со придушено темпо, со недостаток на нови нарачки, што навестува послаб раст во второто тромесечје, соопшти фирмата Маркит.
„Индексот на менаџерите на набавка (ПМИ) изнесуваше во мај 52,9 бодови, што е негова најниска вредност речиси година и половина“, велат од Маркит.
Во април индексот изнесуваше 53 бодови.
„Разочарувачката прва проценка на мајскиот ПМИ дополнително ја поткрепува заклучокот дека силното темпо на економски раст во првото овогодишно тромесечје било временски ограничено. ПМИ најавува послаб раст на бруто домашниот производ (БДП) во второто тромесечје, од само 0,3 отсто“, рече главниот економист на Маркит, Крис Вилијамсон.
Приливот на нови бизниси ослаби во мај на најниската вредност од минатогодишниот јануари, што значи дека и онака придушеното темпо на економскиот раст во јуни би можело дополнително да ослаби.
Услужниот сектор во мај забележал рамномерен раст на активноста трет месец по ред, но со најслаб прилив на нови бизниси од почетокот на минатата година.
Во производниот сектор темпото на активноста беше најслабо од февруари минатата година, при што производителите предупредуваат на континуирано тешките услови на домашниот пазар и на најниската вредност на извозните нарачки во 16 месеци, поврзано со слабите меѓународни трговски текови.
Меѓу економиите на еврозоната, растот во Германија е стабилизиран, додека Франција излегува од стагнација. Останатите земји од еврозоната бележат најслабо темпо на раст во 17 месеци.