На Волстрит во четвртокот индексот S&P 500 се лизна на најниското ниво од март, бидејќи вложувачите стравуваат дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) веќе во јуни ќе ги зголеми каматните стапки.
Индексот Dow Jones се лизна за 0,52 отсто, на 17.434 поени, додека индексот S&P 500 падна за 0,37 проценти, на 2.040 поени, а Nasdaq индексот потона за о,56 отсто, на 4.712 индексни поени.
Откако во средата објавениот записник од последната седница на американската централна банка покажа дека многу од функционерите на Fed сметаат дека каматите би можело да бидат зголемени уште во јуни, во четвртокот Вилијам Дадли, претседател на њујоршката филијала, изјави дека економијата можеби доволно силна за да го издржи зголемувањето на каматите во тој месец.
Тоа ги загрижи инвеститорите, кои сметаа дека зголемувањето на каматите е можно дури во септември и на коишто рекордно ниските каматни стапки уште од финансиската криза од 2008 година им одеа во прилог. Повисоките каматни ја зауздуваат инфлацијата, но исто така и го ограничуваат растот на економијата и ја намалуваат ликвидноста на пазарите на акциите.
Сите последни податоци покажуваат дека инфлацијата во САД постепено расте, а дека најголемата според обемот светска економија закрепнува по забавувањето на растот во првиот квартал. Меѓутоа, вложувачите стравуваат дека заздравувањето сé уште не е доволно силно за економијата да го издржи зголемувањето на цените на парите.
Поради тоа, шест од десетте сектори на S&P 500 индексот во четвртокот паднаа, а најмногу, за 0,95 проценти, индустрискиот сектор.
Меѓутоа, имаше и светли моменти. Така, цената на акцијата на „Wal-Mart“ скокна за речиси 10 отсто, бидејќи најголемиот светски трговски синџир извести за подобри од очекуваните деловни резултати во првиот годинешен квартал.
Акцијата на „Monsant“, пак, поскапе за 3,5 отсто, по вестите дека германската фармацевтска компанија „Bayer“ ѝ поднела на оваа компанија понуда за преземање, со кои би се споиле двата најголеми светски добавувачи на семе и пестициди