На Волстрит во средата берзанските индекси останаа непроменети, бидејќи инвеститорите се претпазливи поради можното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка Federal Reserve (Fed) веќе во јуни.
Индексот Dow Jones се лизна за 0,02 отсто на 17.526 поени, додека S&P 500 зајакна за 0,02 процента, на 2.047 поени, а Nasdaq индексот за 0,50 отсто, на 4.739 индексни поени.
Внимателноста на вложувачите е последица од пораснатите очекувања дека американската централна банка веќе за неколку месеци би можела да ги зголеми клучните каматни стапки.
Во средата објавениот записник од последната седница на Fed покажува дека гувернерите на банката сметат дека каматите би можело да се зголемат веќе во јуни, доколку макроекономските податоци покажат дека растот на економијата во вториот квартал забрзува, а инфлацијата се движи кон целеното ниво од 2 отсто. Сите последни податоци укажуваат токму на тоа дека инфлацијата постепено расте, а дека најголемата светска економија закрепнува по забавувањето на растот во првиот квартал.
По објавувањето на записникот на Fed, 34 отсто од инвеститорите сметаат дека банката веќе во јуни може да ги зголеми каматите, додека пред тоа така мислеа само 15 отсто. Уште повеќе, над 50 отсто, сметаат дека каматите би можело да бидат зголемени во јули. Досега повеќето аналитичари сметат дека зголемувањето на каматите е можно дури наесен.
Поради загриженоста на вложувачите во врска со зголемувањето на каматите, што неповолно влијае врз пазарите на капиталот, во седум од десетте сектори на S&P 500 индексот цените на акциите паднаа во средата, а најмногу во комуналниот сектор, кои обично е под притисок кога се зголемува растот на цената на парите.
Од друга страна, силно за 1,9 отсто, скокнаа цените на акциите во финансискиот сектор, кому му одговараат поголеми камати, па подемот на овој сектор ги анулираше загубите во другите сектори.