Од вторник па натаму оваа седмица, нов бран штрајкови и протести ќе има низ Франција, што повторно ќе го доведат транспортниот систем во земјата во хаос.
Иако новите реформи за трудот почнаа да се спроведуваат минатата седмица без одобрение на парламентот, демонстрантите не се откажуваат, а синдикатите повикаа на уште штрајкови и протести во вторник и во четврток.
Транспортот, вклучително и пристаништата, возовите, аеродромите ќе бидат погодени од штрајкови.
RATP, компанијата која го организира јавниот транспорт во Париз, соопшти дека нејзините услуги ќе бидат во рамки на нормалата, иако предупредуваат дека две метро станици од линијата на SNCF, „Ecole Militaire“ и „Varenne“, ќе бидат затворени поради демонстрациите.
Ги предупредија патниците ако можат да ги поместат своите патувања за понатаму, а да не патуваат во вторник и во среда, поради можни доцнења.
Штрајкот на железничарите е закажан од среда од 8 часот до петок наутро, со ограничени услуги во тоа време. На пример, на линијата Марсеј – Ница, од осум редовни возови, ќе сообраќа само еден.
Работниците во железницата велат дека поради измените во законот за труд, планираат да штрајкуваат секоја среда и четврток, се до одржувањето на Еуро 2016 во јули.
И бизнисот е погоден од штрајковите, па така и училиштата. Без автобуси кои возат, во вторник од 10 до 15 часот, нема ккао учениците да стигнат во училиште. Автобусите нема да сообраќаат и во Ница и во Грас. Некои автобуски линии и во Париз ќе бидат во прекин.
Возовите ќе бидат редуцирани во однос два од пет меѓу градовите, но меѓународните ќе сообраќаат нормално.
Двата париски аеродроми „Орли“ и „Шарл де Гол“ учествуваат во штрајкот, а штрајкуваат техничарите, инженерите и контролорите на летови. Сите што планираат да летаат од овие два аеродрома треба да се јават кај своите авиокомпании и да проверат дали нивниот лет е на распоредот.
Рано наутро во вторникот, камионџиите блокираа неколку главни патишта на северот на земјата, а подоцна се очекуваат блокади и во Нант, Каен, Марсеј, Бордо.
Дваесет и четиричасовен штрајк се најавува и во пристаништата во вторник и во четврток, па траектите ќе останат закотвени.
Некои училишта поради штрајкот ќе останат затворени овие денови, поради штрајк на наставниците и школскиот персонал.
Седум синдикати го поддржуваат штрајкот, а на него учествуваат работници и студенти. Ова се шести и седми ден протести поради контроверзниот закон за труд, во последните два месеци.