Комесарката на Европската комисија, Сесилја Малмстром изјави во петокот дека сака да ги доврши преговорите со САД за Трансатланското партнерство за трговија и инвестиции (TTIP) пред истекот на мандатот на американскиот претседател Барак Обама во јануари следната година, под услов да бидат почитувани барањата на Европската унија.
„Работиме и настојуваме колку што е можно за да можеме да ги завршиме преговорите кои претседателот Обама сака да ги склучи пред неговото заминување од Белата куќа. Но, исто така, тоа мора да биде добар договор, односно содржината мора да има предност пред брзината“, изјави Малмстром пред почетокот на средбата на министрите на земјите членки на ЕУ задолжени за надворешната трговија.
Еврокомесараката додаде дека договорите мора да ги почитуваат „црвените линии“ кои ЕУ ги поставува во поглед на заштитните прописи и стандарди.
Од јули 2013 година зад затворени врати ЕУ преговара за TTIP, а во 2015 година требаше да биде разработен а потоа за половина година да биде одобрен од Европскиот парламент и националните парламенти на земјите потписнички на овој договор. Неговата цел е создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот, со пазар од околу 820 милиони потрошувачи. Покрај САД и земјите од ЕУ, во договорот се вклучени и Канада, Мексико, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд, како и земји кандидати за членство во Европската унија.
Овој договор во Европа е многу критикуван, а се зголемува и бројот на неговите противници, како и во САД, поради стравувањата на Европејците дека ќе доведе до намалување на стандардите во заштитата на потрошувачите, заштитата на природната средината. Една од најголемите контроверзии е преговорите е заштитата на инвеститорите, бидејќи Американците сакаат на некој начин да ги заобиколат државите членки на ЕУ и евентуалните спорови околу заштитата на вложувањата да се решаваат со арбитражен механизам надвор од контролата на државите членки.