Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари во петокот во близина на нивото од 48 долари, закочени од посилниот долар што го придуши влијанието во нарушувањето на снабдувањето од Нигерија.
На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 45 центи во однос на затворањето на тргувањето во четвртокот и изнесуваше 47,63 долари. На американскиот пазар во петокот се тргуваше по 61 цент пониска цена од вчерашната, од 46,09 долари.
Индексот на доларот во петокот во однос на кошничката валути го достигна највисокото ниво во последните две седмици, поткрепен од очекувањата дека американската централна банка повторно ќе ги подигне клучните каматни стапки пред другите централни банки. Силната американска валута ги поскапува стоките со цени изразени во долари за купувачите кои располагаат со други валути, придушувајќи ја со тоа побарувачката.
Посилниот долар го неутрализираше влијанието на соопштението од „Exxon Mobile“ за „вишата сила“ во Нигерија поради механичките проблеми со нафтоводот. Проблемот во производството се надоврза на низата прекини поради кои извозот на нафта од оваа земја се лизна на најниското ниво во последните 22 години. Нигерискиот министер за финансии потврди за телевизијата NTA дека производството на нафтата паднало од 2,2 милиони на 1,65 милион барели дневно.
„Очекувавме повеќе прекини во снабдувањето од Нигерија оваа седмица, но темпото со коишто пристигнуваат новите проблеми во снабдувањето од оваа земја ги надмина нашите очекувања“, вели Оливие Жакоб, аналитичар од „Pеtromatrix“. Проценува, исто така, дека е малку веројатно дека нигериското производство ќе расте многу над милион барели дневно, доколку се исклучат кондензатите.
Загубите во Нигерија се надоврзуваат на значително намаленото производство во Канада, поради пожарите, а „состојба виша сила“ објавија најмалку четири водечки светски нафтени компании.
„Поради големите пожари производството можеби привремено е намалено за 1,4 милиони барели дневно, но се чини оти нема оштетувања на постројките. Започна обновеното производство, што, сепак, под претпоставка да нема штети на нафтоводите, ќе потрае неколку седмици, предупредуваат од инвестициската банка „Jefferies“.
Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во петокот објави дека цената на барелот референтна кошница нејзина нафта во четвртокот изнесувала 43,31 долари, што значи дека пораснала за 1,91 долар во однос на претходниот трговски ден.