8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветските медиуми заинтересирани за туристичката понуда на Македонија

Светските медиуми заинтересирани за туристичката понуда на Македонија

ohridsko-ezero

Дводневната конференцијата за активен туризам АдвенчрНЕКСТ~Балкан ја одбележа учеството на речиси 300 претставници од повеќе од 30 светски дестинации, вклучувајќи и 12 дестинации од Југоисточна Европа.

На конференцијата, гостите имаа прилика да истражуваат нови можности за стимулирање на развојот на активниот туризам на Балканот. Организирана од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и предводена од Меѓународната асоцијација за активен туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA), конференцијата во Охрид стави специјален акцент на дестинации во Југоисточна Европа: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Во состав на конференцијата беа одржани 490 бизнис средби меѓу 58 снабдувачи на туристички услуги од регионот и 44 купувачи од Европа и Северна Америка. Овие средби се почеток на нова бизнис соработка која се очекува да прерасне во конкретни бизнис зделки кои ќе донесат нови туристи во Македонија и другите балкански дестинации во наредните неколку години.

За време на конференцијата беа одржани бројни средби меѓу претставници од туристичката индустрија во регионот и 20 меѓународни медиуми (The New York Times, The Guardian, National Geographic, Lonely Planet, Wanderlustи други) од кои се очекува зголемено информирање во светските медиуми за туристичката понуда на Македонија.

Конференцијата АдвенчрНЕКСТ~Балкан стави голем фокус на развојот на активниот туризам преку 14-те едукативни сесии посветени на теми како: иновации во туризмот, стимулирање на економски развој преку туризмот, создавање на препознатливи туристички искуства и растот на кулинарскиот туризам.

Меѓу 33-те врвни светски туристички експерти кои учествуваа како говорници и обучувачи на конференцијата се најдоа и тројца Македонци. Пеце Цветковски, сопственикот на Вила Дихово, Тефик Тефиковски, сопственикот на Хотел Туто, и Адријана Алачки, познатата готвачка и претседател на здружението на готвачи Гастро Мак, говореа за нивниот уникатен пристап кон кулинарскиот туризам во Македонија на сесијата наречена „Тајниот сос на Балканот“, посветена на растечкото значење на добрата храна во туристичката понуда.

Пред деновите на конференцијата (11-12 мај) повеќе од 50 меѓународни туроператори и патописни новинари од 17 земји ги истражуваа Македонија, Косово, Хрватска, Црна Гора и Албанија преку седум уникатни 3- 5 дневни тури.

На 10 мај, повеќе од 150 делегати ја започнаа конференцијата со учество на 20 активни тури во близина на Охрид, организирани од домашни туроператори. Турите вклучуваа културни активности и активности во природа, како пешачење во Националниот Парк Галичица, експедиција за конзервација на флората и фауната на Охридското езеро, фотографски тури, вински тури и археолошко-историски тури во Охрид.

Покрај поддршката од Светската организација за туризам на Обединетите Нации (UNWTO), која беше присутна на конференцијата, Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council – RCC) исто така ја препозна важноста на настанот и одржа состанок на Групата на експерти за туризам (кој се одржува еднаш на две години) за време на АдвенчрНЕКСТ, на кој соработката во туризмот се дефинираше како важна алатка за надминување на политичките конфликти меѓу земјите на Балканот.

УСАИД и Владата на Швајцарија се исто така клучни развојни партнери на настанот и работат на стимулирање на локалниот економски развој, особено кај малите бизниси, преку развивање на активниот туризам.

Партнерите на АдвенчрНЕКСТ~Балкан се: Македонија, Туркиш Ерлајнс (Turkish Airlines), Косово и Општина Охрид. Партнерите кои на конференцијата ќе ги промовираат нивните дестинации се: Националниот одбор за туризам на Хрватска, Метеора (Visit Meteora DMC- Грција), Бугарија (претставена од Odysseia-In ), Општина Прилеп и Косово.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП