Курсот на доларот го достигна дното и тргнува неговиот раст, оценуваат валутните аналитичари.
Откако минатата недела падна на најниското ниво во последната година, шестдневниот раст ја зајакна американската валута за еден отсто.
Позитивната серија беше прекината во среда бидејќи индексот на доларот, што ја мери вредноста на американската валута во однос на други шест светски најзначајни валути, се лизна 0,2 отсто на 94,108 бодови.
„Остануваме оптимисти кон доларот и сметаме дека од сегашното ниво ќе почне да се качува“, изјави за Bloomberg Робин Брукс, валутниот аналитичар на Goldman Sachs.
Според проценките на оваа банка, курсот на доларот би требало во следните две години да зајакне 15 отсто за да може американската монетарна политика да се нормализира, односно кога ќе бидат покачени клучните каматни стапки.
Аналитичарите сметаат дека доларот би требало повторно да зајакнува и дека слабеењето последните месеци е само привремена аномалија.
„Економската ситуација во САД е значително подобра од онаа во Европа, а таквата ситуација најчесто предизвикува јакнење на валутата на економијата што е во подобра состојба“, велат економските аналитичари и додаваат дека веројатноста во 2016 година доларот да се изедначи со еврото е значително помала од почетокот на годината, но „јакнењето од пет до 10 отсто до крајот на годината е сосем реално сценарио“.