Грција не треба да усвои дополнителни мерки за штедење, освен оние кои се предвидени со пакетот помош, со цел да се квалификува за нови кредити, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на седницата на Владата, поздравувајќи ја истовремено одлуката донесена на состанокот на еврогрупата.
„Грција повеќе не е сама и изолирана. Таа ужива во поддршката на политичките сили и влади кои конечно сфатија дека оваа држава и нејзиниот народ имаат право да свртат нов лист“, изјави Ципрас во обраќањето на министрите, пренесува агенцијата Ројтерс.
„Грција остава зад себе шест години рецеција и темнина. Сакам да повторам, ова не е вистинското време за славење“, порача тој.
Грција и нејзините кредитори од еврозоната постигнаа договор кој ќе го отвори патот за деблокирање на исплатата на средствата во износ од над пет милијарди евра, кои, како што наведува Ројтерс, на официјална Атина и се очајнички потребни за покривање на долгот кој во јуни доспева за наплата.
Министрите за финансии на еврозоната, исто така, ги започнаа разговорите за тоа како сервисирањето на грчкиот долг да го направат одржливо, што е нешто што официјална Атина веќе долго го посакува, наведува британската агенција.