15 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМНТ стана полноправна членка на театарската мрежа ЕТК

МНТ стана полноправна членка на театарската мрежа ЕТК

mnt 33

Македонскиот народен театар (МНТ) стана полноправна членка на театарската мрежа ЕТК – Европска театарска конвенција.

МНТ беше примен за полноправен член на ЕТК на интернационалната театарска конференција која се одржа од 21-ви до 24-ти април 2016, во „Театр де ла Мануфактур“ – драмски театар во Нанси, Франција.

На конференцијата со тема „Театарот надвор од границите – идентитети и припадност“ земаа учество над 40 режисери, уметници, драматурзи и продуценти од повеќе од 25 угледни европски државни театри. Настанот понуди можност за дискусии и размена на идеи со експерти и предавачи од економската, социјалната и културната сфера, како и реномирани уметници од меѓународната театарска сцена, кои зборуваа за клучната улога на театарот во формирање на европски современи полифонични државјанства и општества.

Македонскиот народен театар како национална институција беше предложена од повеќе реномирани театарски куќи од Европа и стана полноправна членка на ЕТК, заедно со повеќе од 40 театри-членки од 25 земји, со 8.000.000 посетители, илјадници уметници од 20 земји и 16.000 претстави и настани годишно. Членството овозможува пристап до состаноците и овозможува интеракција со колегите/соработниците од цела Европа, а тоа честопати резултира со заеднички проекти и размена. Дел од членките кои го креираат животот во мрежата ЕТК се од Австрија, Белгија, Италија, Германија, Норвешка, Холандија, Унгарија, Грузија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Финска, Франција, Турција, Украина и други земји.

ЕТК мрежата е основана во 1988-ма година за промовирање на современиот театар, поддршка на мобилноста и размена на актерите низ цела Европа и пошироко. Има за цел да ја потврди улогата на театарот и револуционерна сила при формирање на европската сцена, нудејќи пристап до културата на сите генерации преку високо квалитетни креативни и иновативни театарски проекти.

Како европска театарска мрежа за соработка, ЕТК воведува исклучително нови идеи и примери од најдобрите пракси кои се користат во театрите низ Европа и го поддржува развојот на интернационалната соработка, како и проектите од областа на уметноста кои се фокусираат на нови театарски форми на креација и соработка.

Таа, исто така, служи како професионална сцена за театарските уметници, организира состаноци, инвестира во можности за подучување и обука и иницира истражувања и публикации од областа на театарот.

Покрај тоа, ЕТК е активна и влијателна мрежа која го застапува европскиот јавен театарски сектор на политичко ниво, бидејќи се труди да изгради долготрајни структурни врски со европските политички институции заради многу битната цел на зацврстување на позициите на европските театарски институции, како дел од виталниот културен и креативен сектор.

Мрежата ЕТК се вклучува во програми за поддршка на европската театарска соработка од различни аспекти: програма за поддршка на размена на театарски уметници, претстави и проекти во рамките на мрежата; програма на фестивали на кои се претставуваат новите европски теарски трендови и се промовираат млади актери; програмата „Млада Европа“ креираше нови претстави за младите во школите и театрите кои покажаа вистинска соработка надвор од границите на својата земја; неодамнешната „Студија за развој на публиката“ која обезбеди првични сознанија за публиката во европските театри; проектот „Уметноста на стареењето“ со кој членките на ЕТК ги споделија демографските предизвици со кои се соочува нашето општество, известија од Македонскиот народен театар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП