17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските вложувачи внимателни, доларот зајакна, нафтата под притисок

Азиските вложувачи внимателни, доларот зајакна, нафтата под притисок

berzi 33

На азиските берзи во вторникот се тргува внимателно, бидејќи економските показатели не се инспиративни, додека цените на нафтата се под притисок по јакнењето на доларот.

На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во вторникот беше во плус од околу 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Берзанските индекси во Сингапур и во Хонгконг благо паднаа, додека MSCI индексот на азиско пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,2 отсто, лизнувајќи се од највисокото ниво во последните два месеца.

Претпазливоста на азиските вложувачи е последица од недостигот од насоки добиени од Волстрит, каде во понеделникот берзанските индекси останаа речиси непроменети.

Имајќи го предвид продолженото забавување на растот на најголемите светски економии, американската и кинеската, инвеститорите не наоѓаат поттик за купување акции. Уште повеќе зашто е малку веројатно дека централните банки во кус рок дополнително ќе ја олабават монетарната политика.

Најновите податоци од Кина покажуваат дека дефлаторните притисоци во втората според обемот светска економија и натаму се присутни, но и покрај забавувањето на растот на економијата, не се очекува широко олабавување на монетарната политика. Се смета дека монетарната политика ќе остане стабилна, но можно е структурно попуштање во поединечни сектори, Можно е и намалување на стапката на издвојувањето за задолжителните резерви на банките, но кинеската централна банка има и други начини да ја зголеми ликвидноста на финансиските пазари и за поттикнување на кредитирањето.

Вложувачите се претпазливи и поради тоа што цените на нафтата се во надолна патека. Откако во понеделникот падна за 2,8 отсто, во вторникот претпладнето на американскиот пазар цената на барелот се лизна за дополнителни 0,3 отсто, на 43,30 долари. На лондонскиот пазар, пак, цената на барелот се движи стабилно околу 43,70 долари, откако во понеделникот потона за 3,8 отсто.

Скокот на токискиот индекс Nikkei за 2 отсто, се должи на слабеењето на јенот. Тоа, имено, им оди во прилог на јапонските извозници, бидејќи нивните производи на странските пазари стануваат поконкурентни со цените.

Така, на валутните пазари доларот значително зајакна, откако во понеделникот јапонските монетарни власти порачаа дека се подготвени да интервенираат за да го ослабат јенот, доколку движењата на јенот штети на трговијата и економијата на Јапонија.

Курсот на американскиот долар во однос на јапонската валута во вторникот претпладнето се движи околу 108,80 јени, додека вчера во истиот период од денот изнесуваше 107,30 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па еврото се лизна на 1,1370 долари од вчерашните 1,139 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП