2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАICIJ ја објави целата база информации за Panama Papers, се споменуваат поединци...

ICIJ ја објави целата база информации за Panama Papers, се споменуваат поединци и компании од Македонија

icij111

Истражувачките новинари кои пред извесно време ги открија документите од панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“, таканаречените „Панамски документи“, во понеделник попладне онлајн поставија база на податоци за офшор фирмите на богатите политичари и јавни личности.

Податоците на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари покриваат повеќе од 200 илјади Панамски „школка компании“, кои се базираат на документите на панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“ специјализирана за тајни компании.

Конзорциумот веќе има објавено серија на приказни во весниците и интернет страниците во светот базирани врз „Панамските документи“.

Тројца Македонци се појавија на интернет страницата на Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи, а тоа се Роланд Златку, Слободан Спасовски и Александар Пановски.

На шемата прикажана подолу на интернет страницата Пановски се поврзува со компанијата „Ориент Оил и Гас Лимитед”, која е регистрирана на адреса на Британските Девствени Острови, каде тој е директор и акционер во овој офшор субјект од 8 јуни 2009 година.

Името на Слободан Спасовски се поврзува со компанијата „Фисн Дел Лимитед”, регистрирана на Сејшелските острови, додека Роланд Златку е поврзан со компанијата „Енистон Девелопмент корпорејшн”, со адреса во Шангај, Кина, а регистрирана на Девствените острови.

Доколку се пребарува под земја Македонија, се појавуваат и имињата на фирмите „Фаланкс капитал инк.“ отворена во 2004 година, а не е активна од 2010 година и фирмата „Хај-тек“, која се уште е активна и е посредник за фирмата „Мисано инк.“, која пак не е активна од 2015 година.

Сопственик на акциите на „Фаланкс каппитал инк“ на шемата на интернет сајтот пишува дека е Џон Јоновски.

Фирмата „Хај-тек“ пак, е отворена во 1981 година, и произведува електронски плочки кои се вградуваат во високо технолошки машини и апарати, чиј сопственик е Саво Станковиќ. Неодамна, Хајтек асембли центар најави дека ќе биде првата македонска компанија која ќе работи во слободните економски зони. Можноста да влезе и работи во ТИРЗ Скопје 1 сопственикот на фирмата ја нарече шанса за натпревар на европскиот пазар без никакви ограничувања.

Инвестицијата на „Хај-тек“ се проценува на 20 милиони евра во првите осум години и вработување вкупно 300 луѓе, а производство се очекува кон крајот на 2016 година.

Инаку, во аферата „Панама пејпрс” беа објавени податоци за повеќе од 200 000 офшор компании. Базата на податоци е од правната фирма „Мосак Фонсека“, еден од главните играчи во офшор бизнисот и содржи информации за 21 даночен рај од целиот свет и за лица од повеќе од 200 земји.

Сепак, од Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи предупредуваат дека самото регистрирање на офшор фирма е легално и дека не секоја регистрирана офшор фирма се користи за нелегални активности.

Засега аферата „Панама пејпрс“ резултираше со оставка на премиерот на Исланд и на шпански министер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП