Проектот Лидер организиран од Македонија2025 започна во понеделник и ќе трае десет работни денови, од 9 до 20 мај.
За време на предавањата Македонија2025 ќе организира дополнителни презентации и говори од реномирани бизнис професионалци кои се поврзани со организацијата, како и настани за вмрежување.
„Лидер Проектот значи дека девет години, во Македонија, се одржува професионална бизнис едукација за нашите најпроактивни бизнис професионалци и претприемачи. Со над 200 алумни и со постојано проширување на соработката со други организации од регионот, Лидер проектот е највлијателниот тренинг за бизнис вештини кој некогаш се одржал во нашата земја. Инструктори од Бизнис школата „Richard Ivey”од Канада доаѓаат за да ги пренесат нивните најдобри теоретски познавања, совети и тајни од занаетот за водење успешен бизнис“, информираат од Македонија2025.
Голема придобивка за учесниците е тоа што со завршување на Лидер проектот тие стануваат дел од глобалната мрежа на алумни. Со вклучување на кандидати од Босна во 2016, како и од Србија во 2015 и со одржување на разновидност во листата на кандидати како одраз на културниот диверзитет во нашата земја, Лидер Проектот ѝ помага на Македонија да се поврзе со најмалку пет држави од регионот. Со оглед на тоа што денес бизнисот е глобален, бизнис професионалците и претприемачите мораат да гледаат надвор од границите на својата земја.
Лидер проектот е овозможен благодарение на соработката помеѓу Македонија2025, Бизнис школата „Richard Ivey“ од Канада и Амбасадата на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора. Оваа образовна програма е дополнително потпомогната и од приватни донатори од Македонија и македонската дијаспора, како и донации во продукти од партнерски компании и поддржувачи.