Филмскиот проект „Сиераневада’’ во режија на Кристи Пуиу ќе биде премиерно прикажан на 12 мај со почеток од 15:30 часот во салата Лимиер во рамките на официјалната програма на овогодинешниот Кански филмски фестивал.
Пред премиерата на филмот во 12:00 часот ќе биде одржана прес конференција на која ќе присуствува и дел од македонската екипа на филмот.
„Сиераневада’’ е филмски проект во кој Република Македонија учествува со малцински финансиски удел, додека истиот е копродукција помеѓу Романија, Франција, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина. Ко-продуцент од Република Македонија е Лабина Митевска од продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски.
Во интерес на соодветна промоција на овој значаен успех, Агенцијата за Филм на Република Македонија во соработка со продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски обезбедија рекламни објави во престижните списанија Variety на 12. мај и Screen International на 13. мај.
Како и секоја година така и оваа година Агенцијата за филм на Република Македонија ќе биде дел од павилјонот на земјите од Југоисточна Европа и ќе се преставува на филмскиот маркет кој се одржува во рамките на Канскиот филмски фестивал.
Во текот на овие денови, Агенцијата ќе ја промовира македонската кинематографија со најновата филмска продукција, Македонија како дестинација за снимање филмови каде што со правото на поврат на средства во износ од 20% треба да се привлечат странските продукции да снимаат филмови, можностите за копродукција, промоција на македонските филмски фестивали и други проекти од областа на филмската дејност.
На годинашниот филмски маркет, а во организација на селс агентот REEL SUSPECTS ќе има проекција на филмот „Амок“ во режија на Вардан Тозија која ќе се оддржи на 16. мај со почеток од 10:00 часот во PALAIS E.