3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБерзите во Азија паднаа седми ден по ред, доларот стабилен, нафтата благо...

Берзите во Азија паднаа седми ден по ред, доларот стабилен, нафтата благо расте

aziski-berzi

На азиските берзи во четвртокот цените на акциите паднаа седми ден со ред, бидејќи новите макроекономски податоци не ги отстранија стравувањата на инвеститорите од забавувањето на растот на глобалната економија.

Токиската берза поради празниците не работеше, додека во претпладневното тргување во четвртокот цените на акциите во Хонгконг беа во минус од 0,3 отсто, додека во Шангај, Сингапур, Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто. Така, MSCI индексот на азиско-пацифичките берзи, без јапонските, беше во минус од 0,3 отсто.

Лошото расположение на берзите е последица од падот во средата на берзанските индекси на њујоршки Волстрит, втор ден по ред, како и од новите показатели за забавувањето на растот на кинеската економија.

Според извештаите на компаниите „Caixin“ и „Markit“, во април PMI индексот на активностите во услужниот сектор се лизнал од 52,2 на 51,8 поени, додека во Хонгконг тамошната верзија на PMI индексот потона длабоко во областа која укажува на слабеење на активностите.

Лошото расположение на пазарот во прв ред е последица на послабите од очекуваните показатели од американскиот пазар на трудот. ADP, најголемата американска агенција за вработување, во средата извести дека во април во приватниот сектор се отворени нови 156.000 работни места, помалку од очекуваните 196.000 и најмалото ниво во последните три години.

Извештајот на ADP претставува вовед во објавувањето на официјалните податоци од пазарот на трудот во петок. Според процените на аналитичарите во анкетата на Reuters, се очекува во април во САД бројот на новите работни места да биде зголемен за 202.000, по 215.000 еден месец претходно.

Овој извештај е особено важен за пазарот на капиталот, бидејќи најмногу влијае врз одлуките на челниците на американската централна банка за монетарната политика. Меѓутоа, и онака малку кој верува дека Federal Reserve (Fed) пред летото ќе ги зголеми клучните камати, бидејќи неодамнешните показатели покажаа дека растот на американската економија во првиот квартал значително забавил. Оттаму, зголемување на каматите на Fed се очекуваат дури во втората половина од годинава, доколку економската ситуација се подобри, а такви се и очекувањата кои горе-долу се вградени во цените на акциите.

Ниту растот на цените на нафтата, по неколку дена пад, во четвртокот претпладнето не ги охрабри вложувачите. Претпладнево цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 70-ина центи, на 45,33 долари, додека на американскиот пазар барелот сирова нафта поскапе за 90-ина центи, на 44,69 долари.

А на валутните пазари курсот на американскиот долар е стабилен. Претпладнето се движеше околу 107.15 јени, како и во средата во истиот период од денот. Така се одлепи од 1056,55 јени, најниското ниво во последните 18 месеци на кое се лизна на почетокот од седмицава, но и значително е оддалечен од 111,88 јени, минатонеделното највисоко ниво. Доларот е стабилен и во однос на европската валута, па цената на еврото се движи околу 1,1480 долари, како и вчера во претпладневното тргување.

Од почетокот на годинава, индексот на доларот, кој ја изразува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, ослабе за повеќе од 6 отсто, што е последица на уверувањето на вложувачите дека Fed поради забавувањето на растот на тамошната економија нема пред летото да ги зголеми каматните стапки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП