На Волстрит во средата берзанските индекси паднаа втор ден по ред поради послабите од очекуваните показатели од американскиот пазар на трудот и остриот пад на цените на акциите во биотехнолошкиот сектор.
Индексот Dow Jones ослабе за 0,56 отсто, на 17.651 поен, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,59 проценти на 2.051 поен, а, пак, Nasdaq индексот падна за 0,79 отсто, на 4.725 индексни поени.
Најмногу во средата, за 2,9 отсто, потонаа цените на акциите во биотехнолошкиот сектор, кој забележа загуби веќе седми ден со ред во последните осум трговски дена.
Лошото расположение на пазарот во прв ред е последица на послабите од очекуваните показатели од американскиот пазар на трудот. ADP, најголемата американска агенција за вработување, во средата извести дека во април во приватниот сектор се отворени нови 156.000 работни места, помалку од очекуваните 196.000 и најмалото ниво во последните три години.
Извештајот на ADP претставува вовед во објавувањето на официјалните податоци од пазарот на трудот во петок. Според процените на аналитичарите во анкетата на Reuters, се очекува во април во САД бројот на новите работни места да биде зголемен за 202.000, по 215.000 еден месец претходно.
Овој извештај е особено важен за пазарот на капиталот, бидејќи најмногу влијае врз одлуките на челниците на американската централна банка за монетарната политика. А токму уверувањето на вложувачите дека Federal Reserve (Fed) нема пред летото да ги зголеми клучните камати, заедно со заздравувањето на цените на нафтата и сировините, најмногу влијаеше на силниот раст на цените на акциите од половината на февруари.
Благодарејќи на тоа беа надоместени сите загуби од почетокот на годинава, па сега S&P 500 индексот е во плус во 2016 година од 0,3 отсто и е во близина на највисокото ниво во историјата, достигнато во мај минатата година.
„Пазарот се смирува по силниот отскок од дното во февруари. Тоа има смисла, имајќи ги предвид сезонските движења на пазарите и приближувањето на S&P 500 индексот кон рекордните нивоа. Последната година дена има многу коментари дека во мај треба да ги продавате акциите и да се повлечете од пазарот“, вели Брус Заро, стратег во фондот „ Global Asset Management“.
Летните месеци вообичаено се мирни на пазарите, а обемот на тргување е намален поради годишните одбори и изостанувањето на важните вести.