Првата регионална конференција за активен туризам во Европа – AdventureNEXT Balkans (АдвенчрНЕКСТ Балканс), под мотото „Знаење. Партнерство. Раст“, ќе се одржи во Охрид од 10 до 12 мај, 2016 година.
Конференцијата е во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија во соработка со Меѓународното здружение за активен туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA), глобална организација со повеќе од 1.000 организации-членки од секторот туризам, од 90 земји. Главните партнери во Македонија се Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, и проектот IME, исто така финансиран од Владата на Швајцарија.
На конференцијата AdventureNEXT~Balkans ќе присуствуваат повеќе од 300 претставници од јавниот и приватниот сектор од 12 дестинации од Југоисточна Европа, кои ќе се поврзат со 60 меѓународни туроператори и 25 новинари од 16 земји (од реномирани медиуми како The Guardian, New York Times и National Geographic). За време на тродневната конференција, Охрид ќе биде домаќин на претставници на целиот туристички синџир од Југоисточна Европа – водечки туроператори и травел агенции, хотели, туристички здруженија, клубови, владини и невладини организации, развојни агенции и медиуми.
Конференцијата ќе го поттикне избивањето на Балканот како една од најдобрите и најнедопрените дестинации за активен туризам во Европа преку претставување на уникатноста и спецификите на регионот директно пред претставници од светската туристичка индустрија, одржување на директни бизнис средби меѓу странски туроператори и локални компании од секторот туризам, и градење на капацитетите на компаниите во овој сектор преку образовни работилници и панел дискусии со светски експерти од туристичката индустрија