19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските инвеститори внимателни, доларот под нов притисок

Азиските инвеститори внимателни, доларот под нов притисок

berzi azija 2994

На азиските берзи денеска се тргува претпазливо, бидејќи нема вести кои би ги поттикнале пазарите, додека курсот на американскиот долар во однос на јапонскиот јен потона на новото најниско ниво во последните 18 месеци.

Во Јапонија поради празниците не се работи од вторник до четврток, додека во Хонгконг цените на акциите во претпладневното тргување по средноевропско време беа во минус повеќе од 1 отсто, а во Сингапур, Австралија, Јужна Кореја и Шангај пораснаа меѓу 0,2 и 1,6 отсто.

Така индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, на половина од тргувањето беше речиси непроменет во однос на понеделникот. На самиот почеток од вторничното тргување, овој индекс беше во плус од 0,4 отсто, благодарејќи на понеделничкиот раст на њујоршки Волстрит, по минатонеделниот пад. Меѓутоа, ентузијазмот на вложувачите брзо спласна, бидејќи нема вести кои би го поткрепиле растот на пазарите.

Напротив, PMI индексот активностите во производствениот сектор во Кина ослабел во април, 14-ти месец по ред, покажа извештајот кој во вторникот претпладнето го составија приватните компании, додека извештајот на властите во неделата укажа на благ раст на активностите во овој сектор. Но тоа не е доволно, сметаат аналитичарите, за да може да се заклучи дека втората според обемот светска економија закрепнува по долгиот период на забавување.

Ниту цените на нафтата повеќе на берзите не им даваат таква поддршка како изминатите седмици, кога силно растеа и го достигнаа највисоките нивоа во последните пет месеци. Последните денови цените на нафтата беа те во нагорна, те во надолна патека. Во понеделникот паднаа за околу 3 отсто, откако беше објавено дека производството во Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во април се приближило до највисокото ниво во историјата, додека побарувачката, поради слабостите на глобалната економија, и натаму е слаба.

По понеделничкиот остар пад, во вторникот претпладнето цената на барелот сирова нафта на лондонскиот пазар порасна за 20-ина центи, на 46,05 долари, а за исто толку поскапе и барелот на американскиот пазар, на 44,98 долари.

А на валутните пазар јапонскиот јен и натаму јакне, продолжувајќи го растот од минатата седмица кога јапонската централна банка (Bank of Japan – BoJ) донесе одлука дека нема да воведува нови поттикнувачки мерки, што инвеститорите ги наведе да шпекулираат дека во Јапонија можеби е завршен циклусот на олабавување на монетарната политика.

Курсот на доларот во вторникот претпладнето се лизна, првпат од октомври 2014 година, под нивото од 106 јени, додека во понеделникот во истиот период од денот изнесуваше 106,20 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1535 долари, наспроти вчерашните 1.465 долари.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути од најголемите трговски партнери на САД, во понеделникот падна за дополнителни 0,5 отсто, па од почетокот на годинава е во минус од 6,1 отсто. Во вторникот претпладнето потона на најниското ниво од јануари 2015 година.

Притисокот врз доларот е последица од уверувањето на вложувачите дека американската централна банка поради забавувањето на растот на економијата во САД нема пред летото да ги зголеми каматните стапки, можеби дури во септември. Покрај тоа, вложувачите шпекулираат дека европската и јапонската централна банка нема дополнително да ги олабавуваат монетарните политики, бидејќи досегашните резултати не се импресивни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП