8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТАВ Македонија ги пречека првите холандски туристи на охридскиот аеродром

ТАВ Македонија ги пречека првите холандски туристи на охридскиот аеродром

turisti

Со воден мост во форма на виножито, традиционалната македонска закуска, како и торта за добредојде, ТАВ Македонија во вторникот утрото на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ги пречека првите 180 туристи кои пристигнаа од Амстердам со чартер-летот на компанијата Корендон.

Од ТАВ Македонија потенцираат дека се задоволни што чартер-летовите со холандски туристи продолжуваат и оваа летна сезона, шеста година по ред.

„Пресреќни сме што денеска дојдоа нашите ценети туристи со летот на Корендон и што традицијата продолжува. Очекуваме ова лето Корендон да носи туристи од Холандија на почетокот со два лета неделно, а потоа во екот на сезоната, во јули и август, со три лета неделно кон Охрид. Овие чартер-летови, како и трите редовни линии од „Свети Апостол Павле“ кон Базел, Лондон и Цирих, заедно со новата линија Охрид-Белград која следниот месец ќе ја воведе Ер Србија, како и чартер-летовите од Брисел кои ќе почнат оваа сезона со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук и од Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа, заедно со регуларните чартери на Аркефлај, исто така од Холандија, ќе придонесат за заживување на охридскиот аеродром, поголем сообраќај, но и проширен и збогатен прилив на туристи во Охрид“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

„Оние што повторно доаѓаат во Охрид добро ги познаваат неговите убавини, а оние што денеска прв пат стапнуваат на македонско тло веруваме дека ќе се воодушеват од природата и културните знаменитости на македонскиот туристички бисер. За сето ова, сакаме да им се заблагодариме за добрата соработка на локалните власти – Општина Охрид, како и на Фибула, домашната компанија што ги организира чартерите со Корендон“, додаде Крстевски.

Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам, почнаа во вторник и ќе траат до седми октомври. На почетокот Корендон ќе лета двапати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во најголемиот ек на сезоната – во јули и август, компанијата ќе додаде уште по еден лет во истите денови од неделата, со што на оваа релација ќе сообраќа четири пати неделно.

Од ТАВ Македонија велат дека летово во Охрид, преку чартер-летовите на Корендон и Аркефлај кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври, може да се очекуваат над 25 илјади туристи од Холандија. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат над 150 авиони полни со холандски туристи.

Лани во периодот мај-октомври преку „Свети Апостол Павле“ во Охрид биле превезени над 80 илјади патници.

Од аеродромскиот оператор очекуваат натамошно зголемување на сообраќајот на „Свети Апостол Павле“ во текот на оваа летна сезона, како резултат на воведувањето на новата линија Охрид-Белград на авиокомпанијата Ер Србија, но и на воведувањето на чартер-летовите на Томас Кук од Брисел и на Аркиа од Израел.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Свети Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11 отсто, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите три месеци од 2016-та година преку двата македонски аеродроми биле превезени 344.267 патници, што е пораст од 28 отсто споредено со истиот период во 2015-та година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП