Продажбата на паметни телефони падна во првото тромесечје во светот за три отсто во однос на истиот период лани, на 335 милиони уреди, што е прв пад во историјата на пазарот на паметни телефони, информираше компанијата Strategy Analitics.
Во извештајот објавен во четврток, оваа аналитичка куќа порача дека првиот пад на продажбата на паметни телефони на годишно ниво од 1996 година, кога почна да се развива модерниот пазар на паметни телефони, е последица на заситувањето на пазарот во Кина и вниманието на потрошувачите заради забавувањето на растот на светската економија.
Јужнокорејскиот гигант Самсунг и натаму е водечки светски производител на паметни телефони, иако продажбата во првото тромесечје паднала за 4,5 отсто во однос на истиот период лани, на 79 милиони уреди.
Уделот на Самсунг на глобалниот пазар на паметни телефони се намали, според податоците на Strategy Analitics, на 23,6 отсто, додека во истиот период минатата година изнесувал 24 отсто.
Уште поостро падна уделот на Епл, од ланските 17,7 на 15,3 отсто од пазарот, бидејќи продажбата на ајфон во првото тромесечје потона за 16 отсто на годишно ниво, на 51,2 милиони уреди.
На трето место според продажбата на паметни телефони во светот се задржа кинески Huawei, кој во изминатиот квартал продаде 28,3 милиони уреди и е единствен меѓу водечките три производители што забележа раст на продажбата на годишно ниво, за 64 отсто.
Благодарејќи на тоа, неговиот удел на светскиот пазар на паметни телефони порасна од ланските 5 на 8,5 отсто.