6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМировното движење на јужнокорејската организација HWPL се шири и во Македонија

Мировното движење на јужнокорејската организација HWPL се шири и во Македонија

јуз-мир

Преку воспоставувањето на Комитетот за заложби за мир, мировното движење на јужнокорејската организација „Небеска култура, светски мир“(HWPL), се проширува и во Македонија.

Јужнокорејската невладина организација веќе подолго време преку најразлични активности и движења се залага за постигнување на светски мир, а последниот период во нејзиниот фокус на делување се наоѓаат и балканските земји, меѓу кои особено и Македонија.

Минатиот месец во јужнокорејската престолнина Сеул, под покровителство на HWPL и претседателот на организацијата и светски познат хуманист, Ман Хи Ли, беше потпишана Декларацијата за мир и ставање крај на војните. Настанот на кој присуствуваше и Макфакс, собра над илјада меѓународни претставници, меѓу кои и шефови на влади, правни експерти, дипломати и претставници на медиумите ширум светот.

Следната фаза, пак, од имплементацијата на оваа Декларација е таа да собере поддршка во светски рамки од страна на шефовите на државите, по што истата ќе биде презентирана пред Обединетите нации (ОН). Една од целите на воспоставувањето на македонскиот Комитет за заложба за мир е покренувањето на свест во земјата околу ова глобално движење кое се повеќе и повеќе добива на популарност.

„На прв поглед можеби изгледа дека овој закон не е толку значаен за Македонија, но ние сме на истата страна кога се работи за тоа дека се бориме против лошите политичари и оние кои прават профит од корупција, мито, измама итн. Оваа Декларација ќе донесе мир насекаде и сигурна сум дека Македонија ќе биде горда на следните генерации кои ќе учествуваат во ова благородно движење“, изјави преставничката на HWPL, Лајла Јун.

Според Наташа Димитровска, програмски координатор на Националниот совет за родова рамноправност, организација која е дел од новоформираниот Комитет за заложби за мир, Декларацијата е важен чекор за подигнувањето на свеста за постигнувањето на светскиот мир.

„Националниот совет за родова рамноправност, со својата програма за жените, мирот и безбедноста, веќе долго време работи на зајакнување на жените и нивно учество во процесите на помирување. Потпишувањето на Декларацијата за мир и ставањето крај на војните е важен чекор во подигнувањето на јавната свест за потребата од поголемо залагање на сите актери во општеството за ова важно прашање. Во Македонија, посебно во овој момент, многу е важно да се истакне потребата од зачувување на мирот и стабилноста“, вели Димитровска.

„Светскиот мир може да се постигне само кога сите ќе бидат рамноправни и ќе имаат фер и еднаков третман“, додаде Ирина Поцкова од Регионалното женско лоби за мир, безбедност и правда, организација која исто така учествува во Комитетот за заложби за мир.

Од прогласувањето на Декларацијата за мир и ставање крај на војните, кое се случи на 14-ти март во Сеул, таа досега во светски рамки доби преку 18 илјади потписи, а целта е бројката постојано да расте и да придонесе за презентирањето на овој документ пред Обединетите нации.

„Системот на ОН има строга процедура, но веројатно масовната поддршка за оваа Декларација ќе помогне таа да добие на тежина во понатамошниот процес“, смета судијката во Врховниот суд на Република Македонија, Милка Ристова, член на Комитетот за заложби за мир.

Според претставниците на HWPL, Декларацијата е алатка која ќе успее да донесе мир во светот, но за нејзината имплементација пред се е потребна масовна поддршка од страна на сите оние кои се залагаат за постигнувањето на светскиот мир.

„Ни треба алатка за да можеме да донесеме мир во светот, а тоа е меѓународниот закон. За доста кратко време добивме поддршка од голем број на луѓе. По донесувањето на Декларацијата имаме 48 комитети кои се воспоставени ширум светот, а сега ова го правиме и во Македонија. Нашата заедничка цел е да постигнеме светски мир“, потенцираше претставничката на HWPL, Софија Ким.

Инаку македонскиот Комитет за заложби за мир е втор од ваков вид во регионот, откако на 12-ти април слично тело беше формирано и во Албанија, во организација на HWPL а во кое учествува и албанската невладина организација „Корисно за албанските жени“, чија претседателка Севим Арбанa повика на поддршка од албанскиот народ за промоција на Декларацијата за мир и ставање крај на војните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП