Бројот на невработени во Франција е намален за 60.000 лица во месец март оваа година, што е најсилниот пад од „dot.com“ економскиот бум од 2000 година.
Тоа е, како што оценува агенцијата Ројтерс, ретка поддршка за претседателот Франсоа Оланд кој се бори да ги убеди гласачите дека економијата закрепнува.
Француското Министерство за труд соопшти дека бројот на регистрирани луѓе без работа во континентална Франција изнесувал 3,53 милиони во март, или за 1,7 проценти помалку отколку пред еден месец, но тоа е за 0,5 проценти повеќе во однос на истиот месец минатата година.
Иако ударната бројка укажува на нагло подобрување на пазарот за труд, податоците од Министерството покажуваат дека значителен ден од овој пад потекнува од тоа што многу луѓе без работа се избришани од евиденцијата бидејќи не го ажурирале својот статус на лица кои бараат работа.
Месечниот извештај за невработеноста исто така покажа дека просечното време кое луѓето без работа го поминале како невработени достигнало нов рекорд од 580 дена, наведува британската агенција.