Германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Барак Обама се заложија во неделата вечерта Хановер за забрзува на процесот на преговорите за Трансатлантскиот трговски договор и инвестициско партнерство (Transatlantic Trade and Investment Partnership – TTIP) меѓу Европската унија со САД и за јакнење на односите меѓу Берлин и Вашингтон.
„Ние тие односи мораме уште повеќе да ги продлабочиме за да ја обезбедиме нашата благосостојба и конкурентноста на глобалниот пазар“, истакна германската канцеларка Ангела Меркел. Таа уште еднаш ја изрази потребата од што побрзи и поинтензивни преговори околу TTIP.
„TTIP е добар за американката економија, за германската но и за европската економија. И кога ќе видам колку веќе напредувале преговорите околу договорот, можам само да кажам дека мораме да се собереме и да поитаме“, рече Меркел.
Таа својот однос со американскиот претседател Барак Обама, кому ова му е петта и најверојатно последна посета на Германија во неговите два мандата, го опиша како „топол, близок и исполнет со доверба“.
Обама, исто така, го пофали својот однос со Меркел којашто ја нарече „најважниот период и најважниот пријател“ во текот на неговиот претседателски мандат. Ја пофали, исто така, и политиката на германската канцеларка во однос на бегалската криза.
„Ангела Меркел е на вистинската страна од историјата“, изјави Обама. Фактот дека Меркел на својата функција ќе остане подолго отколку тој на неговата ја коментираше со „Среќен сум што Ангела уште ќе биде овде, бидејќи светот од тоа ќе профитира“. Заклучи дека „ќе ѝ се восхитува на Ангела Меркел“ и како обичен граѓанин.
Во врска со TTIP, Обама јасно порача дека откако ќе заврши неговиот мандат, претседателските избори во САД се на почетокот од ноември а новиот станар на Белата куќа ќе биде инаугуриран во јануари, ќе биде многу тешко да се спроведуваат преговорите. „Затоа велам: да ги довршиме овие преговори уште оваа година“, порача Обама.
Претходно двајцата челници заеднички ги отворија влијателниот „Hannover Messe 2016“ влијателниот меѓународниот саем на индустриската технологија на кој САД се првпат земја партнер.
Обама во текот на својата дводневна посета во понеделникот ќе одржи говор на крајот од разгледувањето на саемот. Попладнето во Хановер треба да допатуваат и челниците на Франција, Италија и Велика Британија, Франсоа Оланд, Матео Ренци и Дејвид Камерон, кои заедно со со Меркел и Обама, треба да разговараат за актуелните политички кризи во Сирија и Украина.