3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите од ТИРЗ со 21 предлог на седницата на Економскиот совет

Компаниите од ТИРЗ со 21 предлог на седницата на Економскиот совет

sednica 335

Компаниите кои работат во Технолошко индустриските развојни зони, и други странски компании, доставија 21 предлог со кои сметаат дека нивната работа ќе биде поефикасна, а воедно ќе се поедностават одредени административни процедури, на седница на Економскиот совет, со која претседаваше заменикот-претседател на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Покренати се иницијативи од областа на одредени услуги  кои се овозможуваат да ги користат компаниите во технолошко-индустриските развојни зони, натамошно унапредување во делот на меѓународните трговски договори на Македонија, како и работењето во индустриските – зелени зони лоцирани во општините.

Овие теми се дополнување на главните тематски области на досега одржаните седници кои беа од областа на животна средина, особено во делот на решавање на различен вид отпад, царинското работење во и надвор од технолошко-индустриските развојни зони, работните односи, образование и обука, мерки на вработување на работна сила, финансиско и девизно работење, меѓународен сообраќај, работни дозволи и престој на странци.

Овие иницијативи се особено важни за работата на самите компании, но од нив произлегуваат и измени на легислативата со која се унапредуваат бизнис условите за сите странски компании или дел од компаниите од исти индустриски гранки.

Пешевски посочи дека компаниите кои функционираат во Технолошко индустриските развојни зони и другите странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата. Според плановите за развој на компаниите бројот на вработени во овие компании во наредниот период ќе достигне 34.000 лица, извозот од година во година е се повисок, а дополнителна добивка е што структурата на извозот се менува во позитивна насока и се повеќе се извезуваат производи со повисока додадена вредност, соопштија од Кабинетот на Пешевски.

На оваа седница на Економскиот совет освен претставници на странските компании, за првпат, присуствуваа и претставници на две домашни компании Хај Тек Асембли Центар и Технопласт, кои ги започнаа своите инвестициски проекти во Технолошко индустриската развојна зона во Скопје.

На досегашните седници, вклучувајќи ја и оваа, компаниите доставија над 100 предлози и ининцијативи, од кои целосно се имплементирани околу 70 отсто, а останатите се во тек на реализација.

На седницата присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, гувернерот на Народна банка Димитар Богов, замениците министри за економија Христијан Делев, за земјоделство, водостопанство и шумарство Ванчо Костадиновски и за труд и социјална политика Диме Спасов, Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, како и претставници од органите на државната управа за кои се однесуваат дел од иницијативите предложени на седницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП