Скандинавските земји се најблиските европски сојузници на Велика Британија кога се гласа за заедничките прашања во Европскиот совет и Европскиот парламент, покажува деновиве објавената статистика, па оттаму и воопшто не изненадува што атмосферата пред одржувањето на британскиот референдум на 23-ти јуни за останување или излегување од Европската унија силно влијае и врз јавното мнение во скандинавските земји.
При гласањата за прашањата во ЕУ позициите на Велика Британија и на Шведска биле идентични во дури 89 отсто од случаите, во 88,5 отсто на гласањата се совпаднале ставовите на Лондон и Амстердам, додека на трето место според блискоста во заземањето ставови е Данска, чии гласови со британските се совпаднале во 88 отсто од гласањата, покажа истражувањето на шведската невладина организација VoteWatch Europe.
Во Британија во тек е кампањата на приврзаниците и противниците на нејзиното останување во ЕУ, што значително влијае и врз мислењето на Швеѓаните, кои по повеќе од две децении членство сега и самите се сомничави во европскиот проект и сé повеќе се евроскептични, покажа анкетата спроведена во Шведска објавена на почетокот од седмицава.
На референдумот за членството во Европската унија во Шведска во 1994 година излегоа 83 отсто од избирачите, а од оние кои гласаа 52,3 отсто гласаа за членството.
Денес, пак, ситуацијата е сосема поинаква, па според споменатата анкета, само 39 отсто од Швеѓаните сметаат дека членството во ЕУ е добра работа, додека така мислеле пред половна година дури 59 отсто од испитаниците.
Кога сега би биле прашани на референдум дали се за останување во ЕУ за тоа би се изјасниле 44 отсто, додека доколку Британците на нивниот референдум одлучат да ја напуштат Унијата, бројот на приврзаниците за членството на Шведска би паднал на само 32 отсто.
Во Шведска деловните кругови стравуваат дека заминувањето на Велика Британија од 28-члениот блок, би можел да ѝ наштети на многу добрата трговска размена со Британија, која е на четвртото место на најважните партнери имајќи го предвид увозот на шведските производи, по соседните Германија, Данска и Норвешка.
Во Велика Британија, на годишно ниво Шведска годишно извезува стоки и услуги за речиси 12 милијарди долари. Во Обединетото Кралство живеат речиси сто илјади Швеѓани и активни се околу илјада шведски компании, па работите би можеле да се променат додека Лондон се отцепи од единствениот европски пазар кое овозможува полесна трговија и деловна комуникација.