5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРијад планира задолжување од 10 млрд долари

Ријад планира задолжување од 10 млрд долари

ријат-позајмици

Саудиска Арабија планира кај странските банки да земе кредит од 10 милијарди американски долари, за да го покрие буџетскиот дефицит поврзан со остриот пад на приходите од продажбата на нафтата, извести во средата Bloomberg News.

Повикувајќи се на три упатени извора, Bloomberg News, извести дека тоа ќе биде првото задолжување на најголемиот извозник на нафта во светот во најмалку 15 години.

Договорот за кредитот на пет години би бил потпишан до крајот на април, изјавиле изворите на агенцијата, кои сакале да останат анонимни, имајќи предвид дека информацијата не е достапна за јавноста. Кредитот според нивните наводи, ќе го одобрат американски, европски, кинески и јапонски банки, со 1,2-процентни поени повисока камата од нивото на либорот.

Поради остриот пад на цените на нафтата на меѓународните пазари во изминатите две години, од повеќе од 100 долари на барел на околу 40, па еден период и до 27 долари за барел, Ријад е изложен на притисокот да ја намали буџетската потрошувачка и да креира алтернативен економски модел.

Ријад мината година забележа рекорден буџетски дефицит од 98 милијарди долари, кој оваа година според нивните проекции би требало да се спушти на 87 милијарди долари. Досега го покриваа од големите буџетски резерви, кои на крајот од минатата година се спуштија на 611,9 милијарди долари, од 732 милијарди долари на крајот од 2014 година, беше наведено во извештајот за февруари на Jadva Investment, потсетува AFP.

Владата, исто така, издаде обврзница на домашниот пазар во вредност од 30 милијарди долари. Во декември воедно повлече потег без преседан, подигнувајќи ги малопродажните цени на бензините за до 80 отсто и намалување на поддршката на граѓаните за електрична енергија, вода и други комунални услуги. Го одложи, исти така, реализирањето на неколку големи проекти, а се разгледуваат и некои приватизации и воведување на даноци.

За во понеделник е најавено претставувањето на визијата за идниот општествен и економски развој, вклучително и „државната програма за реформи“, којашто би требало да ја намали зависноста на економијата од нафтата, во моментов дури 70 отсто од приходите отпаѓаат на продажбата на нафта, потсетува Reuters.

Некои од кредитните агенции веќе го намалија долгорочниот кредитен рејтинг на Саудиска Арабија. Така Fitch на почетокот од април го симна рејтингот на Ријад од „АА“ на „АА-“ поради „значителните негативни импликации“ од остриот пад на цените на нафтата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП