28 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФилмот „Сен Амур“ го отвора 19-тото издание на Скопскиот филмски фестивал

Филмот „Сен Амур“ го отвора 19-тото издание на Скопскиот филмски фестивал

skopski-festival-16

Деветнаесеттото издание на Скопски филмски фестивал започнува во петок вечер, во чии рамки ќе биде понудена богата програма со 77 филма, како и работилници и мастеркласа.

Годинешниот фестивал се отвора на 22 април, во киното „Милениум“, со „Сен Амур“,  филмот што го отвори и последното издание на Берлинскиот филмски фестивал, се работи за најновиот филм на  белгиско – францускиот режисерски двоец Беноа Делепин и Густав Керверн (Benoît Delépine, Gustave Kervern). Во овој филм, во главните улоги настапуваат Жерар Депардје, но и Кјара Мастројани, ќерката на легендарниот Марчело Мастројани и Мишел Уелбек, еден од најинтригантните писатели на денешницата.

Филмовите се распоредени во девет програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ќе ги види најновите кратки, анимирани и документарни филмови на млади македонски автори. Скопски филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Педро Алмодовар, во рамките на која ќе бидат прикажани  девет негови филмови. Годинава, ќе може да се видат и најинтересните француски филмови во програмата Фокус на францускиот филм, а во соработка со Кинотека на Македонија и Фокус на тајванскиот филм, ќе биде прикажана и Програмата на кратки филмови од најновата светска продукција и посебна Програма на кратки шпански филмови.

Во Гала програмата ќе се најде добитникот на Оскар за најдобар филм од неанглиско подрачје, унгарскиот „Синот на Шаул“, најмоќен дебитантски филм на режисерот Ласло Немеш, потоа “Каде да се окупира следно“, најновиот филм на оскаровецот Мајкл Мур, а меѓу другите и „Мојот крал“, награден на Канскиот филмски фестивал, „Крвта на мојата крв“, новото дело на италијанскиот мајстор Марко Белокио, а во оваа програма е и филмот „Лазар“, најново остварување на  македонскиот режисер Светозар Ристовски.

Во програмата Авторски филм, ќе бидат прикажани филмовите како „Рјузо и седумте следбеници“ на Такеши Китано, „Слободен пад“ од Ѓерѓ Палфи, кој по „Таксидермија“ се враќа со ново остварување, потоа „Мажи и кокошки“, на Андерс Томас Јенсен, највпечтливиот филмски талент од Данска, по Ларс фон Трир.

Дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе го видиме  „Карол“ со маестралната Кејт Бланшет и „Суфражетки“ со извонредна актерска екипа предводена од Мерил Стрип, потоа може да се издвои и францускиот „Мојот крал“ со Винсент Касел и Емануел Беркот во главните улоги, кои беа наградени во Кан.

Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во кино Фросина, на 28 април ќе  се одржи Работилница за филмска музика со Игор Василев Новоградска. Предавањето е за јазикот на филмската музика и комуникацијата меѓу музичките форми и драмското дејство.

Годинава има и Работилница/ Мастер класа за експериментален филм со Карл Абрахамсон.

На фестивалот ќе се одржи и првиот Media day Инфо ден со цел да се информираат и да им се даде поддршка на македонските филмски професионалци и други заинтересирани во изготвувањето на апликации за потпрограмата МЕДИА Креативна Европа. Канцеларијата во Агенцијата за филм на РМ ја води Владимир Стојчевски.

Во соработка со Дебатно кино “Контра кадар“ ќе се одржи дебата и проекција на филмот „Вита актива, духот на Хана Арент“. На дебатата на тема „Како се банализира злото“, во кино „Фросина“, гостинка ќе биде проф. Мирјана Најчевска, а дискусијата ќе ја модерира Слаѓан Пенев.

Најевтиниот билет за една проекција чини 50 денари, а целодневниот билет за 3 или 4 филмови ќе чини 200 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП