7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРеновирани девет дуќани во Старата скопска чаршија

Реновирани девет дуќани во Старата скопска чаршија

dukani

Девет дуќани во старата скопска чаршија се целосно уредени во рамки на Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во чаршијатаконстатираа министерот за економија Дритон Кучи, заедно со претседателот на здружението „Еснаф“ Бејтула Морина и претседателот на Советот на Општина Чаир, Захир Бектеши, кои во понеделник ја посетија старата скопска чаршија.

Тоа е проект чија цел е враќање на автентичноста и зачувување на културните вредности кои ги има Старата скопска чаршија, за кој дуќанџиите, преку здружението „Еснаф“ на Старата скопска чаршија, можеа да аплицираат на јавен повик. Министерството за економија ангажираше проектантска куќа, која изготви техничка документација за конзервација, санација и адаптација на 60 дуќани во Старата скопска чаршија. За секој дуќан е подготвен посебен проект во три фази, и тоа: претходен изглед на дуќанот, фактичка состојба и планиран изглед по интервенцијата за уредување на излогот. Притоа, не е само излогот опфатен во овој проект, туку и тендата, натписот на дуќанот и околното зеленило. Секоја интервенција беше координирана со самите дуќанџии, по претходно добиена согласност од Министерството за култура и Конзерваторскиот центар.

„Денеска видовме дека девет дуќани се целосно комплетирани. Минатата година Министерството за економија за проектот издвои 2,6 милиони денари, а годинава дополнителни шест милиони, додека комплетната реализација на овој проект ќе чини околу 30 милиони денари, секако, преку Здружението „Еснаф““, изјави министерот Кучи по посетата..

Претседателот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеши, објасни дека станува збор за заеднички проект со Општина Чаир, кој е започнат со поддршка на Европската унија, а продолжил со Министерството за економија.

„Сега сме во првата фаза на реновирање на излозите, фасадите и натписите на дуќаните во блокот 3.2 во Старата чаршија. Во оваа фаза на имплементацијата на проектот,  во соработка со Министерството за економија и со „Еснаф“ ќе го имплементираме до крајот на оваа година, а во него се вклучени 60 дуќани, кои треба да го вратат  стариот изглед кој ги имаше чаршијата“, рече Бектеши.

„Би сакал да потенцирам дека при изведбата на излозите се користени најквалитетни материјали, притоа запазувајќи ја автентичноста и традиционалните елементи во нив. Железните и пластичните излози се отстранети, па сега доминира дрво со највисок квалитет, бидејќи целта ни беше старите дуќани уште долги години да му одолеат на забот на времето“, рече претседателот на здружението „Еснаф“, Бејтула Морина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП