2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСто доктори од внатрешноста ќе специјализираат со софинансирање

Сто доктори од внатрешноста ќе специјализираат со софинансирање

doktorinela

Сто доктори кои се невработени и не работат во јавните здравствени установи, имаат можност да се специјализираат и за тоа да платат половина цена, откако Министерството за здравство распиша Оглас за софинансирани специјализации.

Најголем дел од специјализациите ќе бидат за доктори кои потоа ќе работат во болници во внатрешноста на земјата, појасни министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Министерството за здравство ќе кофинансира 20 до 80 отсто од нивната специјализација и потоа ќе имаат загарантиран месечен надомест. Особено ќе внимаваме на првата дипломирана генерација на студенти од Штипскиот универзитет, имајќи предвид дека овие веќе завршени доктори се од внатрешноста на Македонија од повеќе различни градови каде што имаме недостаток на специјалисти, се со цел да се надмине проблемот со недостаток на специјалисти во повеќе градови во земјата“, рече Тодоров.

Станува збор за седумдесетина доктори од првата генерација студенти од Штипскиот универзитет, кои Министерството, според најавата на Тодоров, во текот на оваа недела директно ќе ги контактира и ќе им понуди да се пријават на огласот.

Огласот ќе трае до 22 април и може да се пријават сите доктори со положен стручен испит кои се невработени, односно не работат во ЈЗУ.

Дваесет специјализации се за анестезиологија за делот на интензивна нега односно КАРИЛ, каде што постојано има недостаток на ваков кадар. За педијатрија објавени се 12 специјализации од кои пет на Детската клиника во Скопје, како и седум специјализации во општите болници во Струмица, Велес, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Охрид и Струга. Во областа на гастроентеропатологија објавени се осум специјализации и тоа, покрај во клиничките болници Штип и Тетово, во општите болници во Куманово, Кичево, Струмица, Прилеп, Гостивар и Гевгелија.

Шест специјализации за нуклеарна медицина се објавени за зајакнување на кадарот во ПЕТ (2), Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина (3) и во Клиничката болница во Штип (1). Од областа на гинекологија и акушерство објавени се пет специјализации, две за Кавадарци, по една за Велес, Прилеп и Кочани. Објавени се специјализации и за поголем број други области, како неврологија, кардиологија, трауматологија, ендокринологија, ОРЛ, општа хирургија, дигестивна хирургија, инфективни болести, радиологија, ортопедија и други.

Претходно заврши огласот за софинансираните приватни специјализации. Со неа, како што кажа Тодоров, се овозможи сите оние кои со сопствени средства си ја плаќале специјализацијата да склучат договор со Министерството и со ЈЗУ, со што приватната специјализација во еден добар сегмент ќе им се трансформира односно ќе имаат еден кофинансиран дел и загарантирано месечно примање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП