2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Атина – Вредноста на акциите на „Националната банка на Грција“ (НБГ) и на „Еуробанк“ се намали вчера на Атинската берза за 30 отсто, откако беше објавена „пауза“ во плановите за нивно спојување. Атинскиот индекс на водечките акции опадна за 1,69 отсто на 809 поени, а подиндексот на банкарските акции се намали за 16,67 отсто, откако централната банка на Грција соопшти дека четирите најголеми банки во земјата ќе бидат докапитализирани одделно, со што е суспендирано планираното спојување на НБГ и „Еуробанк“. Ваквата одлука следи откако меѓународните кредитори на Грција – ЕУ, ЕЦБ и ММФ, изразија загриженост дека новата банка може да биде доминантна на пазарот и дека би било тешко да се докапитализира.

Никозија – Кипарските власти бараат инвеститор за авионскиот превозник „Кипар ервејз“, изјави владиниот портпарол Христос Стиланидис. Владата поседува 69,57 отсто акции од авионската компанија. Интервенција на Владата побара кипарското здружение на пилоти, откако компанијата се најде на работ на банкрот. Според кипарските медиуми, властите разгледува три сценарија – брзо затворање на авиопревозникот, негова ликвидација по летната сезона или зачувување на компанијата без оглед на проблемите.

Анкара – Турција во мај ќе ја отплати последната рата на долгот кон ММФ, во висина од 426 милијарди долари. По отплатата на долгот во односите на Анкара и ММФ кои траат веќе 50 години, ќе настапи нова етапа во која Фондот ќе се ограничи на следење на економската состојба во Турција. Медиумите потсетуваат дека од 1961 до 2008 година Турција со ММФ потпишала 19 кредитни договори на вкупна сума од 45,5 милијарди долари и отплатии 52,7 милијарди. – По отплатата на долгот, Турција и ММФ ќе ги заменат местата и Анкара на Фондот ќе му даде кредит од 5 милијарди долари, наведуваат медиумите.

Лондон – Продажбата на нови автомобили во Велика Британија во март порасна, 13-ти месец по ред, за 5,9 отсто на 394.806 возила, соопшти британското Здружение на производители и дистрибутери на возила. Мартовскиот раст на продажбата во Велика Британија е во спротивност со вртоглавиот пад на испораките на нови возила на другите пазари во земјите од западна Еврооа во истиот период. Во Германија, најголемиот европски пазар, продажбата на нови автомобили во март опадна за 17,1 отсто во однос на истиот месец во 2012 година, во Франција е забележан пад од 16,4 отсто, додека продажбата во Италија и Шпанија е намалена за 4,9, односно за 13,9 отсто.

Хановер – Рускиот претседател Владимир Путин прогнозира дека инфлацијата во земјата оваа година ќе надмине 6 отсто. – Инфлацијата лани беше 6,2 до 6,3 отсто, а оваа година веќе знаеме дека ќе биде незначително поголема, рече Путин на отварањето на Саемот за технологија во Хановер, на кој Русија е земја партнер. Претходно и рускиот министер за економски развој Андреј Белоусов, не ја исклучи можноста инфлацијата да надмине 6 отсто.

Париз – Францускиот министер за финансии Пјер Московски официјално ја намали прогнозата за стопанскиот раст за 2013 година од 0,8 на 0,1 отсто од БДП. – Нашата најнова прогноза која ќе ја доставиме до Советот за јавни финансии, се поклопува со предвидувањата што ги објави Европската комисија, изјави францускиот министер.

Њујорк – Шведската козметичка компанија „Авон“ најави укинување на над 400 работни места, како и напуштање или реформи на лошите погони во Африка, на Блискиот исток и Европа. Најавеното укинување на работни места претставува околу 1 отсто од вкупно 39.100 вработени во „Авон“ и ќе биде спроведено во сите региони и сегменти.

Париз/Будимпешта – Германскиот производител на луксузни автомобили „Мерцедес-Бенц“ ги прошири капацитетите во Унгарија со изградбата на нов логистички центар на 7.200 квадратни метри во градот Кечкемет. Инвестицијата е вредна 3,5 милиони евра и претставува втора фаза на проектот кој веќе опфати изградба на еден деловен објект од 5.000 метри квадратни.

Париз – Французите во просек оценуваат дека за добар живот во нивната земја е потребна месечна нето плата од 2.683 евра, покажува анкетата на истражувачката куќа ЦСА. Мажите се помалку скромни од жените, така нивниот праг на заработувачка за пристоен живот изнесува 2.819 евра, а кај жените 2,558 евра, пишува „Паризиен“. Со годините на живот се зголемуваат и апетитите по прашањето за потребите на месечните финансии, па така во категоријата на возраст од 25 до 34 години посакуваното ниво на плата е 2.215 евра, а кај лица постари од 65 години дури 3.178 евра.

Подгорица – Во Бирото за труд во Црна Гора моментно се пријавени над 32.700 лица, а стапката на невработеност во државата изнесува 14,13 отсто, соопшти Заводот за вработување. Најголема стапка на невработеност во Црна Гора од 32.7 отсто е забележана во јули 2000 година, додека најниска од 10,1 отсто во август 2009 година.

Виена – Австрија мора да ја задржи тајноста на банкарските податоци, изјави вице-канцеларот и шеф на дипломатијата на Австрија, Михаел Шпиделегер, по покренувањето на жестока дебата за оправданоста на таквата мерка. – Тајноста на банкарските податоци мора да опстане, изјави Шпинделегер на заедничката конференција за печат со потпретседателот на Европскиот парламент Отмар Карас во Виена.

Берлин – Германското индустриско производство е зголемено во февруари, поттикнато од активноста на преработувачкиот сектор, додека активноста на градежниот сектор е намалена, соопшти Министерството за економија во Берлин. Во соопштението се наведува дека индустриското производство во февруари во однос на претходниот месец пораснало за 0,5 отсто .

Берн – Швајцарската индустрија во четвртиот лански квартал на домашниот пазар забележа пад продажба од 0,4 отсто на годишно ниво, а во странство зголемување од 4,8 отсто. Најсилен раст остварила фармацевстката индустрија од плус 16,3 отсто, објави швајцарскиот институт за статистика.

Брисел – Европските земји мораат да ги намалат мерките за штедење и да усвојат нова политика за поттик на растот, изјави американскиот министер за финансии Џејкоб Лу, почнувајќи серија состаноци со водечките европски лидери. Најголемиот трговски партнер на САД и најголемиот светски економски блок влезе во четврта година од должничката криза со голем број на земји во рецесија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП