22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПосилниот долар и скепсата во исходот од состанокот во Доха ги задржаа...

Посилниот долар и скепсата во исходот од состанокот во Доха ги задржаа цените на нафтата над 44 долари

nafta 56

Цените на нафтата се задржаа на меѓународните пазари над нивото од 44 долари за барел, закочени од посилниот долар и загриженоста дека претстојниот состанок на големите производители во Доха нема да ги испорача очекуваните резултати во поглед на зауздување на понудата.

На лондонскиот пазар цената на барелот сирова нафта падна за 34 центи во однос на затворањето на тргувањето во вторникот, лизнувајќи се на 44,35 долари за барел. Ден претходно го заклучи тргувањето во плус од 1,86 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 49 центи пониска цена отколку во вторникот, на 4ѝ,68 долари за барел. Претходното тргување го заклучи во плус од 1,81 долари.

Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во средата објави дека барел нафта од нејзината референтна кошница во вторникот чинела 38,.62 долари, што значи дека цената пораснала за 1,6 долари во однос на претходниот трговски ден.

Пазарите во вторникот беа катапултирани од извештајот на руската новинска агенција Интерфакс, којашто, повикувајќи се на неименуван дипломатски извор, објави дека Русија и Саудиска Арабија постигнале согласност за замрзнување на производството и дека конечната одлука нема да зависи од Иран.

Во средата, пак, тој оптимизам го придуши изјавата на саудискиот министер за нафта Али ал-Наими кој за весникот al-Hayat ја потврди позицијата на својата земја дека кастрењето на производството не доаѓа предвид. „Заборавете ја таа тема“, изјавил ал-Наими, одговарајќи на прашањето за евентуалното намалување на саудиското производство на нафта.

Иранскиот министер за нафта Биџан Занганех не планира да присуствува на состанокот во Доха, но Иран ќе испрати свој претставник, тврди на својот профил на Twtter коментатор на иранскиот неделник Seda. Техеран веќе порача дека нема намера да учествува во договорот за замрзнување на нивото на производство, бидејќи настојува да го обнови сопственото производство од периодот пред да му бидат наметнати децениските меѓународни санкции.

Во таквата атмосфера, повторно зајакна недовербата во поглед на исходот од состанокот кој во недела 17-ти април во Доха треба да го одржат водечките производители на „црното злато“.

„Сметаме дека договорот за замрзнување на нивото на производство кое не би го опфаќало Иран, во голема мера само ја потврдува постојната состојба меѓу главните актери“, напиша банката UBS во белешката за своите клиенти.

Најголем тег за цените во средата сепак посилниот американски долар, кој ги поскапи стоките со цени искажани во американската валута, придушувајќи ја со тоа побарувачката. Вложувачите ги загрижува и растот на резервите од нафта во САД во минатата седмица, за 6,2 милиони барели, покажуваат податоците од Американскиот институт за нафта (API).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП