22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: туризам - раст на бројот на гостите, пад на заработката на...

Анализа: туризам – раст на бројот на гостите, пад на заработката на хотелите

hot

Продолжува тенденцијата на раст на туризмот, зголемување има и кај бројот на гости и кај бројот на ноќевања. Од друга страна финансиските извештаи на хотелиерите покажуваат намалена заработка, а државата вложува сериозни пари во промоции и субвенции.

Расте и бројот на туристи и бројот на ноќевања

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во земјава во февруари имало 32.467 туристи. Во однос на истиот месец лани кај домашните има зголемување од 17.6%, а кај странските од 4.9%.

Раст има и кај бројот на ноќевања, во февруари биле остварени вкупно 72.385 што е зголемување од 16.2% во однос на истиот месец лани.

Според ДЗС најголем дел од странските гости биле од потесниот регион – од Србија 13.7%, од Грција 11.1%, од Албанија 11%, од Турција 9.5%, од Бугарија 7%, од Косово 6.5%. Сепак во февруари земјава ја посетиле и 30 туристи од Кореја, 34 од Нов Зеланд и 25 од Јужна Африка.

Финансиските извештаи покажуваат намалена заработка

Финсиските извештаи на комапниите кои се бават со хотелиерство и котираат на Македонската берза покажуваат послаби финансиски резултати во 2015-та во однос на 2014-та.

„Македонијатурист“ која оперира со Holiday Inn, Best Western и уште неколку скопски хотели минатата година имале приход од 6.150.000 евра, исто како и во годината пред неа. Сепак, поради зголемените расходи профитот бил намален за 10% до сума од 2.207.000 евра.

„Метропол“ кој оперира со охридските хотели Метропол, Белви и Турист минатата година остварил приход од 2.590.000 евра, исто како и во годината пред неа. Сепак, поради зголемените расходи профитот бил намален за 17% до сума од 430.000 евра.

Паѓаат девизните приливи

Според туристичките работници и девизниот прилив од секторот е намален за околу една четвртина. Тоа се должело пред се на нелојалната конкуренција и спуштените цени.

„Намалувањето на прометот од ноќевања за хотелиерите е загрижувачки податок бидејќи во услови кога имаме зголемен број на странски туристи како и на вкупниот број на туристи евидентирани во статистиката констатираме дека тоа се должи на фактот што при зголемен број на странски гости се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво кое се граничи дури и со прагот на рентабилност на дел од објектите“, изјави неодамна Даниела Василевска – Михајловска од Стопанската комора (СКМ).

Малите пансиони голем проблем за хотелите

Сопствениците на хотели и ресторани бараат подиректни мерки за поддршка на секторот – намалување на ДДВ на храната во угостителските објекти од 18% на 5%, измени на Правилникот за нивна категоризација и правилна распределба на туристичката такса.

„Под притисок на зголемениот обем странски гости, се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво, а понудата на порталот www.booking.com е масовна иако повеќето хотелски објекти, хостели, пансиони изложени таму немаат добиено категоризација согласно документите дефинирани во Министерството за економија што создава простор за нелојална конкуренција“, вели Василевска – Михајловска од СКМ.

Токму ова е најголемиот проблем за големите хотели. На интернет се огласува се – станови и соби, мали хотели и пансиони со понуди за глобалниот пазар.

Дури 722 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. На сајтот има 321 објект во Охрид, 201 во Скопје, 31 во Битола. Може да се најде сместување или храна и во Берово, Кратово, па и во Радовиш.

„На располагање туристички водич до сите околни знаменитости… Бесплатно перење и пеглање на алишта“ – ова се дел од бонусите што ги даваат сопствениците во обид да привлечат гостин повеќе.

Засега во земјава нема ниту еден хотел под меѓународен бренд. Ова наскоро ќе се промени, но само во Скопје. Marriot што ќе се наоѓа на централниот плоштад е речиси готов, а се гради и Double Tree Hilton во Општина Аеродром. Неодамна беше најавено и дека Radisson Blu најверојатно ќе влезе во метрополата. Групацијата веќе е во преговори со потенцијални партнери за ширење на бизнисот во земјава. Сето ова ќе предизвика дополнителен притисок за постоечките хотели во земјава.

Државата ги субвенционира туроператорите

Државата одвојува околу 10 милиони евра секоја година како директна поддршка на странските туроператори кои носат гости во Македонија, а од оваа година имаше и зголемување на поддршката за туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја од 25 на 65 евра по човек.

„Ова е добра можност и за домашните туристички агенции да ги проучат сите овие можности и да ги проучат пазарите во земјите каде што доаѓа до зголемување на субвенциите и да стапат во контакти со партнери од истите овие земји со цел уште во текот на зимските одмори да се обезбедат туристи“ објасни тогаш портпаролот на Владата, Александар Ѓеоргиев.

Македонија дава различна сума субвенции за привлекување на странски туристи и од Белгија, Холандија, Луксембург, Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Индија, САД, Англија, Германија, Катар, Казахстан, Азербејџан и други земји.

Освен преку директната поддршка на туристичките агенции зголемувањето на бројот на странски гости се стимулира и преку нискобуџетните авиолинии кои исто така добиваат милионски државни субвенции.

Државата вложува во туризмот, но кои се ефектите?

Државата вложува сериозни пари во стимулацијата, гранката остварува солидни стапки на раст, но Македонија останува далеку од земјите во регионот.

Туризмот засега учествува со само околу 2% од вкупниот Бруто – домашен производ (БДП), а девизните приливи на годишно ниво се околу 200 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП