27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПанамските документи открија скапа слика на Модиљани

Панамските документи открија скапа слика на Модиљани

modiljani

Слика на големиот уметник Амадео Модиљани, проценета на најмалку 25 милиони долари, којашто од еврејските сопственици ја заплениле нацистите во Втората светска војна, сега наново е запленета во швајцарска Женева, благодарејќи на скандалот Panama Papers, а откриени се и моменталните сопственици на делото чие сопствеништво се оспорува.

Според пишувањето на двата швајцарски дневни весници Der Bund и Le Temps, швајцарското државно обвинителство уште на 8-ми април издало налог за претрес на добро чувано депо во женевската бесцаринска зона, каде што, меѓу бројните уметнички дела, е пронајдено и спорното дело на Амадео Модиљани под наслов „Маж кој седи со бастун“, насликано 1918 година.

Ова платно последен пат било изложено во 2005 година во њујоршката галерија на семејството Нахмад. Дејвид Нахмад, по потекло Либанец, е еден од највлијателните трговци со уметнички дела во светот. Меѓу 4.500-те дела, колку што поседува неговото семејство, повеќе од 300 се оригинални дела на Пикасо, Моне, Матис и Миро, автори чии слики на наддавања постигнуваат вртоглави суми изразени во милиони долари. Повеќето од нив се наоѓаат во добро обезбедуваното депо во Женева.

Пред доаѓањето на власт на нацистите во Германија, сликата на Модиљани му припаѓала на семејството на еврејскиот трговец со уметнички дела Оскар Стетинер. Бегајќи пред нацистите, тој во 1939 година ја оставил во Париз, а една година подоцна нацистите ја понудиле на продажба.

Како што пишува германскиот весник Sueddeutsche Zeitung, кој и ја разоткри аферата со панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca“ за формирањето офшор компании за славни и богати клиенти, Оскар Стетинер во 1946 година по судски пат барал да му биде вратено скапото платно, но имајќи предвид дека починал две години подоцна, случајот бил заклучен.

Во 2011 година една канадска компанија во името на неговиот внук, Филип Маестрачи, безуспешно се обидуваше преку суд во САД да дојде до делото. Тогаш беше утврдено дека официјален сопственик на сликата е офшор компанијата „International Art Center“, во која главниот збор го имаат членовите на семејството Нахмад. Панамските документи тоа и го потврдија.

Женевските правосудни тела покренаа кривична постапка во рамките на откритијата поврзани со Panama Papers и од семејството Нахамд бараат да го врати спорното платно на Модиљани. Реагирајќи на тоа, адвокатот на семејството Нахмад, Ричард Голуб, изјави дека е „ирелевантно“ кои се сопственици на компанијата, туку „главното е – што е спорното во случајот, и дали тужителот може да го докаже“.

Инаку, последните години делата на Модиљани на наддавањата постигнуваат рекордни цени. Така, на почетокот од ноември минатата 2015 година, актот на платно со наслов „Nu couche“ создадено во 1917/18 година беше продадено за 170 милиони долари на непознат купувач од Кина, со што ја постигна втората највисока цена по „Жените на Алжир“ на Пабло Пикасо, дело кое беше продадено за 179 милиони долари во мај минатата година, исто така на надавање на аукциската куќа Christie’s.

Во наддавањето за ова платно на Модиљани, кое пред продажбата беше дел од непозната за јавноста приватна колекција цели 60 години, учествувале неколку колекционери кои почнале од цената од 75 милиони долари, и во секој круг растела за по пет милиони долари. Очекуваната цена во Christie’s пред аукцијата беше 100 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП