16 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо графити, стенсили и стикери за проблемите на младите

Со графити, стенсили и стикери за проблемите на младите

mladi-grafiti

„Сакам да живеам со вас, не покрај васˮ, „Боли и на сопствена кожаˮ, „Кога ќе пораснам сакам да останам во Македонијаˮ, се дел од 12-те јавни кампањи за застапување што 30 млади луѓе од Скопје и Македонија ги работат во рамки на проектот Уметност и дизајн за застапување.

Проектот го спроведува Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа, Скопје, со финансиска поддршка од амбасадата на САД во Република Македонија. Партнер во проектот е општина Центар, која ќе овозможи јавни површини низ центарот на Скопје на кои ќе се пресликаат сите јавни кампањи.

Во проектот се вклучени 15 млади учесници од Скопје и 15 од други градови во Македонија. Тие преку графити, стенсили, постери, стикери, фотографии ќе испратат порака до јавноста за горливи проблеми и прашања што ја засегаат младата популација во земјата.

Во тек е втората работилница од проектот на која учесниците смислуваат кои уметнички и дизајнерски техники ќе ги изберат за да ги претстават нивните кампањи пред јавноста. Таа почна на четврти април и трае до седми април. Се одржува во Канцеларијата за млади на општина Центар. Со нив работат илустраторот и дизајнер Горан Костовски Индог, стрип илустраторот Игор Јовчевски и теоретичар на стрип уметноста, Бошко Караџов.

Првата работилница се одржа во декември. Во следниот период учесниците визуелно ќе ги претстават нивните кампањи на ѕидови и ќе цртаат графити и стенсили. Проектот трае до септември годинава, кога ќе се одржи јавен настан на кој учесниците јавно ќе ги презентираат кампањите и за што ќе се застапуваат во иднина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП