Документите од Панама веќе ја зедоа својата европска жртва – поради скандалот околу офшор сметките оставка поднесе премиерот на Исланд. Истрагата на меѓународниот новинарски конзорциум, сепак има потенцијал да предизвика вистински ураган во ЕУ, пишува во својата анализа „Bloomberg“.
Причината е дека во досиејата исплива името на британскиот премиер Дејвид Камерон. Откако во неколку изјави тој одрекуваше да има офшор фондови, конечно тој призна дека имал акции во бизнисот на својот татко, кои продал во 2010-та година, односно пред да застане на чело на британската влада.
Овие откритија доаѓаат само неколку месеци пред најсериозната политичка битка за Камерон – референдумот за излез на Велика Британија од ЕУ. Анкетата до општеството е закажана за 23-ти јуни.
Анкетите покажуваат дека двата табора – за останување и за излез од ЕУ, се речиси еднакви. Опасноста сега е дека скандалот со панамските документи може да ги разочара Британците, кои се уште не одлучиле како да гласаат, и тие да не ја поддржат позицијата која ја фаворизира премиерот.
Сумата е скромна – Дејвид Камерон ги продал акциите во бизнисот на својот татко за 30 илјади фунти, но моралната тежина е голема. Лидерот на лабуристите Џереми Корбин веќе го нарекува „лицемерниот Камерон“. Повеќето луѓе сметаат дека немаат доволно пари и не им се допаѓа идејата дека владејачките структури имаат премногу средства, коментира Брајан Кеткарт, професор по новинарство на универзитетот Кингстон во Лондон.
Во „Facebook“ веќе има група која го повикува премиерот да ги „затвори даночните дупки или да поднесе оставка“. Учесниците во групата планираат протест пред „Даунинг стрит“ во сабота.
Излегувањето на Британија од ЕУ, или „Brexit“, беше признаено од европските лидери како една од најголемите закани за заедницата. За време на состанокот во Брисел тие ги одобрија барањата на Лондон за специјален статус на Велика Британија во ЕУ.
Реакцијата на Камерон во врска со случајот со панамските документи, сепак може да ја загрози не само неговата политичка кариера, туку и односите меѓу Лондон и Брисел, како и целата иднина на ЕУ.