Цените на нафтата на меѓународните пазари се стабилизираа во четвртокот во близина на 40 долари за барел, првенствено затоа што зголемувањето на ирачкиот извоз го неутрализираше влијанието од неочекуваниот пад на резервите на САД.
На лондонскиот пазар цената на барелот нафта остана речиси непроменета во однос на затворањето на тргувањето во средата и изнесуваше 39,87 долари. Позначителни промени во цената немаше ниту на американскиот пазар, каде што со барел се тргуваше по 37,79 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во четвртокот објави дека цената на барел до референтнара кошничка нејзина нафта во средата изнесувала 33,93 долари, што значи дека се зголемила за 1,22 долари во однос на претходниот трговски ден.
Извозот на нафта од пристаништа на југот од Ирак пораснал во април на просечните 3,494 милиони барели дневно, покажаа официјалните податоци на ирачката државна нафтена компанија објавени во четвртокот, што значи дека е над просечните 3,286 милиони барели дневно во март. Тој податок ги потисна во втор план оној за падот на резервите од сирова нафта во САД за минатата седмица, за 4,9 милиони барели.
„Сé уште сме под впечатокот од вчерашното објавување на податокот од американската влада, но доколку ја погледнеме пошироката слика, понудата е и натаму преголема а резервите на рекордни нивоа. Оние кои сакаат заокружена слика се насочија на податоците за иранското и ирачкото производство“, вели за Reuters Ханс фан Клеф од амстердамската компанија „ABN Amro“.
Во фокусот на пазарите е на состанокот на водечките производители на 17-ти април во Доха, на кој би требало да биде постигнат договорот за замрзнување на нивото на производство за да се поткрепат цените. Во моментов во светот се произведуваат најмалку милион барели дневно повеќе отколку што изнесува побарувачката.
Руското министерство за надворешни работи во четвртокот соопшти дека Иран го потврдил учеството на состанокот во Доха, иако во зауздувањето на производството би требало да се вклучи дури откако ќе го достигне нивото од 4 милиони барели дневно. Меѓу учесниците, ќе биде и азербејџанскиот министер за енергетика., соопштија од Москва.