14 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндексите на Волстрит пораснаа по два дена пад

Индексите на Волстрит пораснаа по два дена пад

wall street3300009

На Волстрит цените на акциите во средата пораснаа, во прв ред благодарејќи на здравствениот и енергетскиот сектор, а доброто расположение на пазарите доаѓа и од надежите на вложувачите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема да брза со зголемувањето на каматните стапки.

Така, индексот Dow Jones зајакна за 0,64 отсто, на 17.716 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 1,05 процент, на 2.066 поени, а Nasdaq индексот се зголеми за 1,59 отсто, на 4.920 индексни поени.

Откако S&P 500 два дена по ред паѓаше, во средата пораснаа цените на акциите во осум од десетте сектори на овој индекс, а предводеше здравствениот сектор со скок од 2,7 отсто.

Тоа се должи најмногу на заздравувањето на цената на акцијата на „Allergan“, откако ден претходно потона за речиси 15 отсто, бидејќи „Pfizer“ се откажа од преземањето на оваа ирска компанија во вредност од 160 милијарди долар. Откажувањето на „Pfizer“ следеше откако американската влада ја отежна даночната инверзија, односно намалувањето на даночните обврски на американските компании со преместување на седиштата во земјите со помали даночни стапки. Цената на акцијата на „Pfizer“ порасна за 5, а на „Allergan“ за 3,5 отсто.

Силно, за 2,1 отсто, во средата пораснаа и акциите во енергетскиот сектор, благодарејќи на растот на цените на нафтата, по податокот за падот на резервите од горива во САД минатата седмица, што би можело да значи дека јакне побарувачката за нафта.

Позитивно на пазарот влијаеше и објавувањето на записникот од последната седница на Fed, кој покажа дека многу од челниците на американската централна банка се претпазливи по прашањето за зголемувањето на каматните стапки, бидејќи и натаму постојат ризици од слабеење на глобалната економија. Од тоа инвеститорите можат да заклучат дека е малку веројатно дека Fed ќе ги зголеми каматните стапки веќе во април, можеби во јуни.

И покрај значителниот раст на цените на акциите, на Волстрит во средата не владееше еуфорија, бидејќи инвеститорите се внимателни пред сезоната на објавување на деловните резултати на американските компании за првиот годинешен квартал, која, како што изгледа, нема да биде сјајна.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработките на компании од составот на индексот S&P 500 во просек паднале за 7,4 отсто, во однос на истиот период минатата година. Силниот долар, падот на цените на нафтата, и забавувањето на растот на глобалната економија се најважните причини за слабоста на приходите и заработките на американските компании

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП