26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан договорот за концесија за рудниците Злетово и Тораница

Потпишан договорот за концесија за рудниците Злетово и Тораница

toranica 33

Договорот за концесија на рудниците Злетово и Тораница, со кој почнува реализацијата на деловниот план на компанијата „Минстрој“, како и враќање на околу 1.000 рудари на работните места, во среда го потпишаа министерот за економија Дритон Кучи и претставниците на компанијата „Минстрој“.

Според најавите на новиот инвеститор се очекуваат и нови вработувања, зголемување на платите на рударите и покрупни инвестиции во нова и современа опрема.

„Ми претставува задоволство потпишувањето на овој договор, кој ќе значи работа за над 1.000 лица и отварање на нови работни места. Уште позначајно е што за експресно кус рок успеа да се реши проблемот кој зад себе го остави фирмата која претходно стопанисуваше со овие два рудника, бидејќи новиот концесионер е запознаен со сите обврски што ги има со денешното потпишување на договорот, како што се неисплатените плати на рударите од претходниот концесионер, долговите кон државата и потребата од инвестирање во рудниците. Рестартирањето на двата рудника ќе значи многу и за локалниот економски развој, а двете општини Крива Паланка и Пробиштип ќе добијат 70 проценти од концесиските надоместоци“, изјави новиот министер за економија Дритон Кучи.

Новиот инвеститор најави дека во мај ќе излезе првата руда од рудникот Злетово, а во меѓувреме ќе се подготови за рестартирање и рудникот Тораница.

„По завршувањето на стечајната постапка наша цел беше во што е можно побрз временски период да се привлече нов инвеститор и да се вратат лицата на работа. Владата за само 6 месеци успеа да најде нов квалитетен и сериозен партнер. На 15 декември Владата донесе одлука да се раскине договорот со Индоминерали и метали, а веќе на 30 декември се започна со постапка за избор на нов концесионер. За таа цел беше формирана комисија, а ’Минстрој’ ја даде најповолната понуда. Крива Паланка, Кратово и Пробиштип ќе имаат голем бенефит, оти кај нив постоеше загриженост оти за голем број семејства ова е главен извор на финансирање, а исто така, ќе се раздвижи и локалната економија“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

Претседателот на Владата за споведување на изборите Емил Димитриев истакна дека со потпишувањето на денешниот договор се прави уште еден исчекор.

„Денешниот чин е важен за нас како Влада, но уште поважен за жителите на овие места. Конечно решаваме еден голем проблем. За граѓаните е важно што новиот инвеститор ќе ги врати на работа сите илјада рудари , а ќе инвестира во нова современа опрема. Компанијата ’Минстрој’ е една од водечките во овој дел од Европа во рударскиот сектор, па сето тоа ни дава надеж дека рудниците ги очекува подобра иднина. Им посакувам успешна работа“, изјави Димитриев.

На потпишувањето присуствуваа и претседателот на Владата Емил Димитриев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и потпретседателот за економски прашања Владимир Пешевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП