19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВложувачите на Волстрит внимателни пред сезоната на деловните извештаи

Вложувачите на Волстрит внимателни пред сезоната на деловните извештаи

Wall-Street1

На Волстрит во вторникот берзанските индекси паднаа втор ден по ред, бидејќи вложувачите се претпазливи пред почетокот на сезоната на објавување на кварталните деловни резултати на американските компании, кои веројатно ќе покажат дека нивните заработки се и натаму под притисок.

Индексот Dow Jones ослаби за 0,75 отсто, на 17.603 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 1,01 процент, на 2.045 поени, а Nasdaq индексот падна за 0,98 отсто, на 4.843 индексни поени.

Откако во изминатите седум седмици порасна за околу 13 отсто, индексот S&P 500 во вторникот падна втор ден по ред, па сега во однос на почетокот од годината е речиси непроменет. На вредноста вчера загубија акциите во сите 10 сектори од овој индекс, при што најмногу, за 1,9 отсто, падна услужниот сектор, додека финансискиот загуби 1,4 отсто.

Вложувачите се претпазливи поради тоа што во понеделник започнува сезоната на објавување на резултатите од американските компании за првото тримесечје од годинава, што следните денови најмногу ќе влијае врз пазарите.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот во просек паднале за 1,7 отсто, во однос на истиот минатогодишен период, и тоа четврти квартал по ред.

Силниот долар, падот на цените на нафтата и забавувањето на глобалниот економски раст се најважните причини за слабоста на приходите и заработките на американските компании.

Инвеститорите ги загрижи и челничката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, која предупреди на зголемените ризици за глобалната економија, доколку законодавците не преземат посилни поттикнувачки мерки.

А анемичните макроекономски показатели, на пример, оние за зголемувањето на дефицитот во САД во надворешнотрговската размена во февруари ги наведоа аналитичарите на намалувањето на процените за растот на најголемата светска економија во првиот квартал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП