11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Србија објавен првиот дел oд списокот на лица поврзани со Panama...

Во Србија објавен првиот дел oд списокот на лица поврзани со Panama papers

paper3

Белградската Мрежа за истражување криминал и корупција (КРИК) објави неколку имиња на деловни луѓе од Србија, кои со посредство на панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca” основале офшор компании, а се очекува дека на списокот наскоро ќе бидат додадени нови имиња.

На списокот главно се наоѓаат лица од српската бизнис заедница, иако неколку имиња се доведуваат во поврзаност со сегашни и поранешни политичари од тамошната политичка сцена.

Како што наведуваат од КРИК, услугите на „Mossack Fonseca” ги користеле меѓу другите и Миодраг Костич, сопственик на деловен конгломерат кој го сочинуваат шеќерани, земјоделски претпријатија и хотели, потоа трговците со електрична енергија Вик Хамовиќ и Воин Лазаревиќ, и бизнсисменот Зоран Дракулиќ.

На списокот е и Владимир Делиќ, за кој КРИК го претставува како „семеен пријател и деловен партнер“ на Синиша Мали, актуелен градоначалник на Белград и близок соработник на српскиот премиер Александар Вучиќ.

Во врска со канцеларијата „Mossack Fonseca” се доведува и ткн „српски крал на бакарот“ Милан Поповиќ, поранешниот сопруг на балканската поп ѕвезда Северина Вучковиќ, потоа светски познатата белградска модна креаторка Роксанда Иличиќ, фудбалерот Дарко Ковачевиќ.

Во списокот е наведено и името на Срѓан Шапер, сопственик на „Медиапол“, една од водечките српски маркетинг агенции и поранешен советник на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ. На Шапер му се припишува трансфер, преку офшор компанија, на околу 3 милиона евра заработени од продажба на простор и време за огласување во српските медиуми, особено во телевизиите со национални концесии – јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) – и телевизијата Пинк//

Меѓу корисниците на парагвајската адвокатска агенција, според наводите на КРИК, е сопругата на тајкунот Мирослав Мипковиќ, Лилјана Мишковиќ, и помалку познати за пошироката јавност пилоти на поранешната воздухопловна компанија ЈАТ, Слободан Стричевиќ, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Бањац, градежен инженер Зоран Флориќ/

Еден од најбогатите српски бизнисмени, Филип Цептер, според податоците коишто ги пренесува КРИК, соработувал со наводно „сомнителен“ адвокат и трговец со нафта Ален Бјонд од Швајцарија, кој се доведува во поврзаност со манипулации со нафта во Ирак. Тој, како што тврдат во КРИК, бил во контакт со агент на „Mossack Fonseca” за во даночните раеви да отвора офшор компании за Цептер, но бил и директор во некои фирми на Цептер.

КРИК наведува дека самото поседување на офшор компанија не значи и дека сопственикот или посредникот се вклучени во незаконски дејствија, но тие компании во даночните оази може да се користат за избегнување на плаќањето даноци, прикривање на вистинската сопственост и за перење пари.

Се очекува дека мрежата КРИК наскоро ќе објави список со нови имиња на личности од Србија кои се дел од списокот на аферата Panama papers, а според неофицијалните сознанија, на таа листа би можеле да се најдат стотина имиња бидејќи не се наведени лица за чиишто сомнителни деловни ангажмани, српските медиуми пишуваа со години наназад.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП