23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи во пад поради падот на цените на нафтата, доларот под...

Азиските берзи во пад поради падот на цените на нафтата, доларот под притисок

berzi 33

На азиските берзи во вторникот цените на акциите паднаа под притисокот на падот на цените на нафтата, но и обновената загриженост на вложувачите по прашањето на каматните стапки во САД, што врши притисок и врз американската валута.

На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во минус од 2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Сингапур, Австралија, и Хонгконг паднаа меѓу 0,6 и 1,4 отсто. Во Шангај, пак, пораснаа за околу 1 процент, па така MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските беше во минус од 1,3 отсто.

Азиските вложувачи ги поколеба понеделничкиот пад на цените на акциите на њујоршки Волстрит, кој се најде под притисокот на падот на цените на нафтата и на сировините. А поради сомневањата на вложувачите дека најголемите светски произведувачи ќе постигнат договор за замрзнување на производството на јануарското ниво, цените на нафтата паднаа и во вторникот претпладнето.

Откако во понеделникот падна за речиси 3 отсто, во претпладневното тргување во вторникот цената на барелот на американскиот пазар се лизна за дополнителни 0,8 отсто, на 35,40 долари. На лондонскиот пазар, пак, барелот нафта поевтини за уште 0,6 отсто, на 37,49 долари, откако во понеделникот загуби 2,5 отсто.

Најмногу во вторникот губи, повеќе од 2 отсто, јапонскиот Nikkei индекс, што во прв ред е последица на јакнењето на јенот во однос на доларот. Поради тоа, имено, производите на јапонските извозници на странските пазари стануваат помалку конкурентни.

Инвеститорите ги загрижи и новата порака од американската централна банка. Ерик Росенгрен, претседател на филијалата во Бостон, во понеделникот изјави дека е изненаден од тоа што вложувачите во оваа година очекуваат само едени, а можеби и ниедно зголемување на каматните стапки. Тоа, како што рече, може да се покаже како премногу песимистички, бидејќи американската економија умерено расте.

Аналитичарите, пак, сметаат дека тој коментар покажал дека многу челници на американската централна банка не го споделуваат мислењето на претседателката на банката Џенет Јелен, која на крајот од минатата седмица порача дека треба да се биде претпазлив по прашањето на зголемувањето на цените на парите, бидејќи неизвесностите во глобалната економија и натаму се присутни. Иако е малку веројатно дека каматите ќе бидат подигнати уште во април, новите пораки предизвикуваат внимателност на пазарите на акциите.

А на валутните пазари доларот и натаму е под притисок. Неговата цена во однос на јапонската валута се движи во вторникот претпладнето околу 110,85 јени, недалеку од најниските нивоа од октомври 2014 година, додека во понеделникот во истиот период од денот чинеше 111,50 јени. Во однос на европската валута, пак, во вторникот се одржува на понеделничкото ниво од околу 1,1390 долари, во близина на највисокото ниво во последните пет ипол месеци од 1.1438 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП