3 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАPanama Papers: Панамците возвраќаат дека обвиненијата се неточни

Panama Papers: Панамците возвраќаат дека обвиненијата се неточни

mossak 33

Адвокатската канцеларија „Mossack Fonseca“ од која протекоа милиони документи за кои се тврди дека откриваат како светските богаташи, државници, политичари и славни личности од спортот и забавата ги криеле партите во ткн даночни оази, возврати на ударот нарекувајќи ги „неточни“ медиумските извештаи за нејзиното работење.

„Тие извештаи се однесуваат на претпоставки и стереотипи, и играат на тоа дека јавноста не е запознаена со работењето на компаниите како што е нашата“, се образложува во изјавата на канцеларијата „Mossack Fonseca“ чие седиште е во Панама.

Во изјавата на компанијата, која е објавена откако истрагата во којашто учествувал новинарски конзорциум од стотина дневни весници покажува дека некои компании регистрирани во ткн даночни оази наводно се користени за перење сомнителни пари, од трговија со оружје и дроги, како и за затајување даноци, повторува дека компанијата „никогаш не била обвинета, ниту ѝ било судено во врска со криминални активности“.

Објавувањето на податоците ја покрена и расправата за тоа како светските богаташи, моќници и политичари ги применуваат шемите за избегнување на плаќањето даноци кои не се достапни за најголемиот дел од светската популација.

Од „Mossack Fonseca“ велат дека основа оф-шор компании за клиенти од „различни правни причини, вклучително и прекугранично спојување и аквизиции, стечаи и лична сигурност, како и за реструктуирање и за здружување на инвестициски капитал од вложувачи коишто живеат под различни јуриздикции, а сакаат неутрален правен и даночен режим кој не оди ниту во полза ниту на штета на ниеден од вложувачите“.

Додава и дека таа „законски и практично е ограничена“ во можноста да го регулира работењето на компаниите и изразува жалење, „поради секоја злоупотреба на вклучените компании“.

Во вторникот официјална Панама соопшти дека отвора истрага за овој глобален скандал, истакнувајќи дека нејзината цел е да се утврди дали навистина се сторени кривични дела, кој ги сторил и евентуалната финансиска штета причинета со тоа. Повеќе земји, исто така, објавија дека отвораат истраги, а меѓу нив се Австрија, Австралија, Нова Зеланд, Шведска…

Околу 11,5 милиони документи од периодот од 1977 до декември 2015 година протекоа од базата со податоци на панамската адвокатска канцеларија. Тие документи, наводно, покажуваат дека некои компании со седишта во даночните оази биле користени за перење пари и криминални трансакции.

Во документите се споменуваат повеќе од 500 банки и филијали, кои соработувале со адвокатската канцеларија „Mossack Fonseca“ уште од 70-те години од минатиот век. Повеќе од 1.100 фирми се основани со помош на швајцарската банка UBS, а повеќе од 2.300 со помош на британската банка HSBC и нејзините филијали низ светот, покажуваат документите во кои се споменуваат и имињата на 29 милијардери од листата на најбогатите луѓе на планетата на магазинот Forbes.

Две австриски медиумски компании, кои со повеќе од 100 новински куќи заедно ги истражувале содржината на споменатите документи објавија и за поврзаноста на австриската банка „Raiffeisen“ и кондиторската компанија „Roshen“ на украинскиот милијардер и претседател Петро Порошенко.

Како што во неделата веднаш објавија австриската телевизија „ORF“ и неделникот „Falter“, банката „Raiffeisen“ дала заем од 115 милиони долари на кондиторската компанија „Roshen“, за која гаранции дала холдинг компанија со седиште на Британските девствени острови „Linquist Holdings Limited“.

Австрискиот регулатор за финансиски пазари соопшти дека истражува дали процедурите како што се проверка за карактерот на трансакциите и сите кои во нив учествувале биле почитувани. Доколку биде потребно, регулаторот за случаите може да ги извести надлежните власти.

Од „Raiffeisen Bank International“ во изјава за медиумите објавија дека ги почитувале законските прописи за спречување на перењето пари, но дека не можат да ги коментираат конкретните случаи поради правилата за банкарската тајна. Од банката „Hypo Landesbank Vorarlberg“, пак, воопшто не се изјаснија за медиумските написи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП