19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрант од 270.000 денари за самовработување на лица со инвалидитет

Грант од 270.000 денари за самовработување на лица со инвалидитет

dimce 999

Грант за самовработување преку отворање сопствен бизнис во висина од 270 илјади денари е обезбеден за сите заинтересирани лица со инвалидност кои се работоспособни.

Тие, од денеска, ќе можат да аплицираат за грантот, а дополнително, ќе можат да вработат уште најмногу две лица, за кои ќе добијат по 92 илјади денари, лица кои може но не мора да се со инвалидитет.

Парите од грантот се наменети за опрема и материјали. За адаптација на работното место на лицето со инвалидитет Агенцијата за вработување ќе им исплати и дополнителни 100 илјади денари. Девет месеци по отворањето на бизнисот, доколку правното лице уплаќало придонеси и плати ќе може да аплицира за неповратни средства во висина од 20 просечни плати.

„Лицата со инвалидност имаат знаења способности и вештини кои може да ги искористат и за отворање на сопствен бизнис и за самовработување. Преку огласот ќе се обезбедат можности за лична егзистенција и токму поради тоа државата предвиде финансиска поддршка преку која ќе им помогне да се самовработат“, рече на денешната прес­конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Доколку лицето не е регистрирано како активен барател на работа или воопшто не е регистрирано како невработено лице тоа може да го направи во Центрите за вработување, а еден ден потоа да аплицира за добивање на овие средства.

„Ги повикувам сите лица со инвалидност кои се работоспособни, а своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка од оваа програма да се пријават во центрите за вработување, или на веб страниците www.samovrabotuvanje.mk или www.avrm.gov.mk“, рече Спасов.

Информира дека за реализација на оваа мерка за 2016 е предвиден буџет од 49 милиони денари.

Директорот на СВРМ, Влатко Поповски, информираше дека ова е втор оглас кој се објавува, а се однесува на самовработување на лицата со инвалидност.

„Во првиот се пријавија над 160 лица. Во тек се обуките, дел се завршени и се пристапува кон определување ментор кој ќе им помогне да го направат бизнис планот, по што тој ќе биде оценет и ќе им бидат доделени средствата“, рече Поповски.

Претседателите на националните сојузи на здруженијата со инвалидност во Македонија се задоволни од мерката и сметаат дека на ваков начин ќе се реши еден голем проблем на овие лица и дел од нив ќе можат да дојдат до вработување.

„Овие мерки кои водат кон можноста за решавање на суштествено егзистенцијално прашање на секој човек, а со тоа и на самите лица со телесен инвалидитет, како што е вработувањето, се мошне корисни и ние ги повикавме нашите членови да се јават на овој повик бидејќи ова е една од можностите да го надминат проблемот и да се вработат, рече претседателот на Националниот сојуз на здруженија на лица со телесен инвалидитет Бранимир Јовановски.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица Жарко Селковски ги повика членовите на овој Сојуз да аплицираат за мерката и да се обидат да се осамостојат преку самовработување.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица Васко Марков истакна дека се надева оти и за овој повик како и за претходниот ќе има интерес, бидејќи, како што потенцира, ова е начин како тие да се интегрираат во општествените текови и да обезбедат сопствена егзистенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП